
Белгиската Група за управување со ризици (РМГ) донесе одлука за покачување на нивото на опасност од респираторни инфекции во Белгија од „жолто“ на „портокалово“, по информациите на здравствените власти дека грипот се шири забрзано и дека се зголемува притисокот врз болниците.
РМГ е група составена од претставници на белгиските здравствени власти одговорни за утврдување на мерките за заштита на јавното здравје. Според правилникот на РМГ, воспоставени се четири нивоа на ризик од респираторни инфекции – зелено (ниско), жолто (умерено), портокалово (високо) и црвено (многу високо).
Во зимски услови предупредувањето се однесува за респираторни инфекции од грип, РСВ вирус, пневмонија и Ковид-19. Присуството на овие вируси се одредува преку мерењето на нивната циркулација во отпадните води на неделно ниво и преку системот за здравствен надзор имплементиран од болниците и општите лекари.
РМГ потенцира дека вирусот на грипот активно циркулира низ Белгија и може да биде опасен за оние кои се изложени на ризик од компликации, како повозрасни од 65 години, бремени жени и лица со имуни и кардиоваскуларни заболувања.
Групата им препорачува на граѓаните миење раце, редовно проветрување на просториите, кашлање или кивање во лактот, останување дома ако се болни и носење маска на јавни места ако имаат благи симптоми и до пет дена по нивното појавување.
– Со внимателно следење на основните препораки, кои важат преку целата година, можеме колективно да го ограничиме ризикот од преминување на црвено ниво на аларм и да избегнеме преоптоварување на нашиот здравствен систем, објаснува РМГ во своето соопштение.


