Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Времето на злоупотреба на државни ресурси заврши

Vmro.webp.webp

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата за ширење дезинформации откако денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) рекоа дека премиерот Христијан Мицкоски со владиниот авион патувал на одмор на Јадранско Море.

Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ се вели дека јавноста добро ги памети времињата кога високи функционери на претходната власт користеле државни летала за кратки релации.

Партијата потсетува на лет со хеликоптер на МВР на Зоран Заев, Венко Филипче и Јагода Шахпаска за настан во Прилеп, во ек на пандемија.

Оттаму обвинуваат дека функционери на ДУИ го користеле владиниот авион дури и за летови до Ниш.

„Јавноста добро се сеќава дека од 30 дена, владиниот авион ексминистрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, СДСМ во моментов нема визија ниту идеи за развој на државата, па затоа прибегнува кон секојдневно „растурање пердуви“ и шири дезинформации.

„Заев и Филипче, наместо за борба против ковид-19, парите ги трошеа за летање со хеликоптер. Едно такво летање чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека времето на недомаќинско работење е минато и дека актуелната влада е посветена на работа која носи резултати и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тие ја повикуваат опозицијата наместо дезинформации, да понуди конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и државата.

Денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека премиерот Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците.

„Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот. Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион“, рече Кузеска.

По реакциите на опозицискиот СДСМ, од владата рекоа дека авион е користен исклучиво согласно прописите и актите за негово користење. Оттаму велат дека секое користење на владиниот авион е евидентирано, документирано и е предмет на институционална контрола. Додаваат дека не постои каква било форма на злоупотреба.

Вчера, телевизијата Телма, повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата, објави на кои релации најмногу се користел владиниот авион, но и кои членови на Владата најмногу го користеле во периодот откако е формирана владата на премиерот Христијан Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година.

Можете да прочитате

Макрадули: Додека опозицијата се занимава со себе, власта бега од одговорност

Костадиновски: „Сејф сити“ пример за прилагодување кон почитување на правилата

Забрана за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево