Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) да се исчисти од сопствените криминали и да се реформира, а потоа да прифати единство на најважните прашања за државата, односно се она што премиерот Христијан Мицкоски го понуди како платформа на обединување. Ова денеска порача владеејачката ВРО-ДПМНЕ, откако вчера премиерот Мицкоски во својот говор на централната свеченост од одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември соопшти десет принципи околу кои, како што рече, треба да се создаде заедништво и сплотеност на сите фактори во општеството, а не само на власта „или неколку партии во опозицијата“.
„Ова се принципите за обединување: правда и правна држава, стоп за партизацијата на општеството, крај на етничките конфликти и мегаломанските барања зад кои се кријат лукративни интереси, да го заштитиме и подобриме стандардот на граѓаните, праведно општество, силно образование, исполнување на стратешката цел за членство во ЕУ, национално и државно единство, борба против иселувањето, градење на заеднички патриотизам“се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Посочуваат дека со лицемерна и двочична политика, како и дека со истите и потрошени кадри не се гради единство.
Мицкоски вчера во својот говор упати порака до опозицијата, за која рече дека тоне во тотална безидејност и целосна неконструктивост и ја повика да престане со деструктивните игри кои ја ставаат државата во опасност, како и да се приклучи кон платформата која тој како премиер ја нуди за подобра иднина на земјата.
„Дојде времето да свртите нова страница во која опозицијата нема повеќе да биде фактор на нестабилност туку активен учесник во градењето на нашата заедничка иднина. Треба да престане старата пракса во која кога сте на власт тргувате со слободата и државноста на нашиот народ, а кога сте во опозиција ги ставате личните и партиските интереси пред интересите на татковината. Силна опозиција е од суштинско значење. Јас се надевам дека процесот на консолидација на СДСМ по катастрофалниот пораз ќе заврши брзо и ќе дојде едно ново време на демократско, но и патриотско опозициско делување. Татковината е толку силна колку што се обединети нејзините политички партии. Да работиме заедно за доброто на граѓаните“,рече премиерот.
Овие предизвици, според Мицкоски, можат да се постигнат само со единство, а не со деструкции и поделби.