Димитар Ковачевски ги измами граѓаните. Ветуваше кули и градови, а донесе невидена сиромаштија за граѓаните, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Ветуваше поддршка на стопанството и индустријата, а за една и пол година се затворија 12 илјади компании. Но затоа компанијата која тој ја основал не само што добивала државна помош, туку и добивала вносни бизниси во време кога тој бил на функција. Ветуваше раст на стандардот, а инфлацијата ги изеде платите и пензиите. Ковачевски е најодговорен зошто Македонија со 20% има една од највисоките стапки на инфлација во Европа, а меѓу десет земји во светот со најголема инфлација на цената на храната“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ветуваше справување со енергетската криза, а наместо сопствено производство се трошат секој ден милиони за увоз на струја или за испросување на енергенси. Ветуваше висок раст на БДП, а Македонија е меѓу последните во Европа според растот на БДП, единствено полоши се прогнозите за Русија и Украина. Ветуваше стабилна економија, а добивме енормен раст на долгот кој ги надминува 8,5 милијарди евра“, додаваат од партијата на Мицкоски.
Оценуваат дека само порази, криминал и неуспеси се резултатот од оваа влада и дека нивната неспосбност е епска.
„Димитар Ковачевски, со лаги и измами не се носи иднина! Стани Ковачевски да те види народ! Стани Ковачевски, собери храброст и соочи се со своите граѓани!“, порачуваат од оваа партија.