
Соопштение на ВЛЕН:
Скандалот со непостоење на било каков доказ за тоа како се потрошени 120 милиони денари при организацијата на самитот на ОБСЕ е уште еден јасен доказ за нечесноста и незаконитото работење на Министерството за надворешни работи под водство на Бујар Османи.
Наместо транспарентност и отчет, единствената „победа” за Османи беше да го прими рускиот министер Сергеј Лавров во Скопје, потег кој предизвика негативни реакции и сериозни сомнежи во надворешнополитичката ориентација на Османи и партијата од црната листа ДУИ.
Јавноста треба да знае:
Зошто нема документи, фактури или извештаи за потрошените 120 милиони денари?
Кој ги одобрил овие трошења и со каква цел?
Кој ги скрил документите?
Дали истите тие средства завршиле во џебовите на фирми блиски до ДУИ?
Државниот завод за ревизија е инстуција која е должна прва да алармира за незаконско трошење на парите на граѓаните. Тоа ДЗР го направи јасно за Бујар Османи.
Во последните два дена се потврдува дека Бујар Османи е дел од сите клучни договори и бизниси на ДУИ, но и средби со српските функционери, токму во периоди кога на македонскиот пазар влегуваат компании, казина е телекомуникациски оператори со контроверзно потекло и сопственици.
Сега е јасно дека Бујар Османи нема кредибилитет да зборува за „странско влијание” или за „заштита на националните интереси”, затоа што токму тој е човекот во чиј мандат како Министер за надворешни работи се отворија вратите за сомнителни бизнис-дилови и за дипломатски скандали кои ја рушат репутацијата на Македонија.
Граѓаните заслужуваат одговори, а институциите мора да покренат постапки.