
Движењето ВЛЕН денеска излезе со силна порака до јавноста, презентирајќи конкретни резултати од, како што го нарекоа, “фронталниот судир со криминалната индустрија на игрите на среќа”. Според соопштението, досега се блокирани вкупно 226 интернет-страници што нелегално нуделе коцкарски услуги – 173 од нив само во последната акција, додека 53 биле блокирани минатиот месец.

„Во само една година ја намаливме активноста на игрите на среќа за 40%. Ова не се само бројки, туку спасени животи и заштитени семејства“, порачаа од ВЛЕН, нагласувајќи дека таму каде што порано имало казина до училишта и станбени згради, денес се враќа редот и достоинството.
Од движењето упатија апел до граѓаните, особено до оние кои претходно користеле нелегални платформи, да ги повлечат своите средства и да не потпаѓаат под манипулативни пораки кои ги охрабруваат повторно да играат.
„ДУИ доволно си играше со судбината на Албанците. Ние ја завршуваме таа валкана игра. Казината беа алатка за нелегално богатење и за контрола на очајните. Ние сме тие што ќе го исчистат овој криминален систем“, велат од ВЛЕН.
Партијата порача дека ова не е политичка реторика, туку реални, законски и институционални мерки. Нивната борба, како што тврдат, ќе продолжи сè додека не се затвори секое нелегално коцкарско место и не се стави крај на мрежите кои живеат од човечка беда.
„Казината не се развој, туку разурнување. Ние не сме дел од стариот систем. ВЛЕН е со граѓаните, за иднината. Играта со животите на луѓето заврши“, завршија од ВЛЕН.