Утрински Весник
Македонија

Владата оценува дали ќе се прават филмски студија или станови за филмскиот град на Џон Малкович во Скопје

Владата оценува дали ќе се прават филмски студија или станови за филмскиот град на Џон Малкович во Скопје

За предложениот филмски град во Скопје, инвеститорите ќе добијат одговор од Владата откога работната група што го оценува проектот ќе утврди дали се работи за изградба на филмски студија или за станбен простор. Вака денес премиерот Димитар Ковачевски одговори по вчерашниот апел на актерот Џон Малкович, еден од инвеститорите, проектот да биде поддржан оти ќе ја стави земјата на мапата на филмската индустрија и ќе отвори илјадници работни места.

dobivaj vesti na viber

„Се работи за проект кој е поднесен од група инвеститори, кои се приватни. Проектот се разгледува од страна на работна група, која работи на оценка на стратешките инвестиции. Стратешките инвестиции се гледаат од многу аспекти. Од аспект на тоа дали инвеститорот има обезбедено простор, начинот на финансирање, што ќе прави на тој простор, дали планира да прави, во овој случај филмски студија или планира да прави станбен простор. Кога сето тоа ќе се разгледа и доколку работната група оцени, во согласност со стандардите наведени во Законот за стратешките инвестиции дека тоа е добар проект, тогаш се поднесува до Владата. Сѐ додека нема оценка за сите аспекти на можната предложена идеја за инвестиција, Владата не може да донесе одлука“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Стоунбриџ студиос“ е името на проектот кој предвидува изградба на музички и филмски студија во Скопје на земјиштето од касарната „Илинден“ покрај Качанички пат, но покрај филмски содржини, предвидени се и станбени единици.

Покрај актерот Малкович, на македонската јавност ѝ беше претставено дека меѓу инвеститорите е и холивудската ѕвезда Мат Дилон, а минатиот септември проектот доби поддршка од 27 македонски, српски и босански професори и театарски и филмски уметници. Тие преку отворено писмо побараа Владата да го поддржи проектот „Скопје технолошки парк“, во чии рамки е предвиден филмскиот град.

„Стоунбриџ студиос“ бара статус на стратешки инвеститор, кој значително ќе ги намали давачките кон државата за изградба на предвидените содржини. Додека премиерот Ковачевски чека одговор од работната група, директорот на Технолошко-индустриските зони, Јован Деспотовски, веќе се изјасни негативно за проектот оти инвеститорите првин сакаат да продаваат станови, а потоа да градат филмски студија.

Можете да прочитате

ОЈО бара снимки за националистичките скандирања во Куманово

Мицкоски утре на поставување камен темелник на спортска сала во Воената академија

Нови пожари низ Македонија, гори кај Ваксинце, Богомила, Милетино и Церово