
Владата на Република Северна Македонија денес потпиша договор со 49 општини за трајно користење без надомест на напредни системи за прочистување на воздухот од реномираниот германски производител MANN+HUMMEL, во вкупна вредност од 1.000.000 евра.
„Оваа иницијатива е дел од заложбите за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на последиците од аерозагадувањето, особено во јавните објекти во кои престојуваат најосетливите категории на граѓани, децата и младите. Прочистувачите на воздух ќе бидат инсталирани во основни и средни училишта, градинки и други јавни институции на територијата на 49 општини, идентификувани како најзагрозени според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот за периодот 2022–2024 година“ велат од Владата.
Прочистувачите од брендот MANN+HUMMEL претставуваат мобилни системи со висока ефикасност, дизајнирани за елиминирање до 99.995% од вируси, бактерии и микроорганизми, благодарение на сертифицирани HEPA H14 филтри според стандардите EN 1822 и ISO 29463. Овие уреди се наменети за употреба во училници, градинки, медицински ординации, болници и канцеларии, каде што овозможуваат континуирана циркулација на прочистен воздух и значително ја намалуваат можноста за ширење на зарази.
Анализата на податоците покажува дека суспендираните честички PM10 и PM2.5 претставуваат најкритична загадувачка супстанца, со измерени концентрации што и понатаму ги надминуваат пропишаните гранични вредности за заштита на човековото здравје.