![](https://utrinskivesnik.mk/wp-content/uploads/2024/12/klinicki-centar-800x600-1.jpg)
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги излажа граѓаните – нов клинички центар во Скопје нема да се гради. По години блокирање на проектот за изградба на современ клинички центар, кој беше инициран од претходната Влада на СДСМ, и покрај понудата да учествуваат и го контролираат проектот, сега признаа дека новиот Клинички центар нема да стане реалност, соопштуваат од СДСМ.
Оттаму велат дека „ветувањата за изградба на модерен клинички центар, кои ги повторуваа на прес-конференции и во изјави, беа само празни зборови. Попусто се обидуваа да ја манипулираат јавноста – граѓаните сега го гледаат нивниот неуспех и недостигот од визија за здравствениот систем, се истакнува во соопштението.
„Проширувањето на услугите во болницата „8 Септември“ или таканаречената регионализација не може да ја замени потребата од нов модерен клинички центар. Тој е неопходен за да се обезбеди интегрирана и квалитетна здравствена услуга на едно место, како што функционираат современите здравствени системи во европските земји. Концептот што го предлагаше СДСМ, а кој ВМРО-ДПМНЕ целосно го блокираше, ќе овозможеше пациентите да добиваат сè што им е потребно на едно место, без да бидат принудени да шетаат од клиника на клиника. Но, ВМРО-ДПМНЕ повторно докажува дека нема визија за здравството и дека целосно недостасува капацитет за менаџирање на овој клучен сектор. Граѓаните се соочуваат со хаос во здравството: недостиг на основни лекови на повеќе клиники, зголемување на листите на чекање кои СДСМ ги намали за време на своето владеење и лошо менаџирање од страна на неспособните директори поставени од оваа власт. Имаме секојдневни немили настани каде умираат деца на клиниките и нема одговорност за ниедна случај, а нема ни лекови на Онкологија. СДСМ ги предупредува граѓаните дека со оваа Влада здравството само ќе продолжи да пропаѓа. Време е за одговорност, време е за Владата да ги исполни своите ветувања и да ги стави здравствените потреби на граѓаните на прво место, наместо да ја уништува иднината на македонскиот здравствен систем“, се нагласува во соопштението од СДСМ.