![](https://utrinskivesnik.mk/wp-content/uploads/2025/02/ljupco-kocevski-nov-javen-obvinitel-zakletva-14a-bg.jpg)
Владата донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Одлуката, попладнево на прес-конференција, ја соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, рече Митева.
Како причини за ваквата одлука е последниот Индекс за корупцијата на „Транспаренси интеренешенел“ според кој Македонија падна за 12 места подолу на скалата во однос на 2023. Како причина се наведува и последното именување за вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, кое, според Владата е незаконско.
Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.