Утрински Весник
Македонија

Владата бележи скок од седум места за една година во однос на транспарентноста

Vlada.webp.webp

Во врска со тврдењата за наводна „селективна транспарентност“ на Владата, сакаме јавно и јасно да истакнеме: фактите и независните мерења говорат спротивното. Според најновото истражување за активна транспарентност, спроведено од независна невладина организација, Владата бележи огромен скок од 7 места за само една година – од 10-то место во 2024 на 3-то место оваа година, со вкупно 95% исполнетост. Тоа не е случајност, туку резултат на континуирани политики и системски пристап во објавувањето на сите информации од јавен карактер, стои во соопштението на Владата.

Овој резултат претставува најсилен демант на тврдењата дека Владата нешто крие напротив, ова е објективна потврда дека транспарентноста се унапредува и станува сè подлабоко вградено начело во работењето на институциите. Дополнително, одговорно посочуваме дека Владата нема неодговорено прашање, ниту намерно задоцнување во одговорите до медиумите и јавноста. Нашиот став е принципиелен, секоја информација која е од јавен интерес мора да биде достапна навреме и во целост.


Сите медиуми можат да потврдат дека Владата е експедитивна и ефективна во односот со јавноста, нешто што многупати е констатирано и признато од нивна страна. Во однос ма „Стратегијата за транспарентност“, сакаме уште еднаш да потсетиме дека тоа е документ оставен од претходната власт, кој содржеше мерки од формален карактер (како обуки за вработени). За нас, транспарентноста не е само форма, туку суштина. Не е само исполнување на минимален список на документи, туку создавање на култура на отчетност, отвореност и јавна достапност. Затоа секој наратив кој се обидува да ја сведе транспарентноста на формални рамки, кога ќе се соочи со аргументите и резултатите, ја губи тежината. Како Влада работиме и на нови документи, вклучувајќи и нова стратегија која ќе ја покаже нашата искрена намера. Како Влада сме свесни дека демократската легитимност бара целосна отвореност. Владата ја добива својата моќ од граѓаните и затоа мора да работи со постојана јавна контрола. Нашата цел не е само да исполниме индикатори, туку да обезбедиме граѓаните и медиумите навреме да ги добиваат клучните информации кои им се потребни за информирано учество и надзор врз институциите.

Јавноста заслужува целосна и суштинска транспарентност, а Владата тоа секојдневно го демонстрира преку факти и резултати: скок од 7 места во активната транспарентност за само една година, максимална експедитивност кон медиумите, и постојано објавување на информации од јавен интерес. Нашата транспарентност е наш темел на довербата меѓу државата и граѓаните, и гаранција дека демократските институции функционираат во интерес на јавноста, се наведува во владиното соопштение. 

Можете да прочитате

ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола домаќин на оскаровци, врвни кинаматографери од светот

Полицискиот хеликоптер изминатите два дена фрли повеќе од 80 тони вода

Средба на министерот Муцунски со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу