Утрински Весник
Македонија

Високообразовна бласфемија – 24info.mk

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

Во светлото на последните случувања околу денешниов избор на кандидати за членови во Националниот совет за високото образование и научноистражувачката дејност, сметам дека е потребно јавно да укажам на сериозни проблеми кои го засегаат интегритетот на целиот систем и истиот дополнително го доурнисуваат.
Конкурирав чесно и транспарентно по Јавниот повик бр. 3/2025 за избор на членови од Интеруниверзитетската конференција на Република Македонија во Националниот совет за високото образование и научноистражувачката дејност (објавен во дневните весници „Слободен печат“, „Коха“ и на веб-страницата на 29.8.2025 година), и уредно бев повикан на интервју од страна на Интеруниверзитетската конференција на ден 11.9.2025 година со почеток од 09 часот. Итервјуто треба да го спроведе Комисија формирана од Интеруниверзитетската конференција.


Предодредени места по универзитети

Меѓутоа, неколку дена пред да ја добијам поканата за интервју, како и секогаш досега сите професори на УКЛО добивме мејл од Ректорот на УКЛО во врска со овој избор во кој беше наведено дека: ,,на УКЛО (Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола) му припаѓа едно место, колку и на УГД и ДУТ. Местата во Националниот совет се распоредуваат по научни подрачја и согласно ставовите на последната ИРУ (Интеруниверзитетска ректорска управа), на УКЛО веројатно ќе му припадне подрачјето 4 – земјоделски и ветеринарни науки’’.

Со оглед на овој став на ИРУ, јас како вработен на УКЛО и кандидат од научното подрачје 5 – општествени науки (поле – политички науки) останав фрапиран. Се запрашав па зошто воопшто конкурирам, зошто воопшто пишувам визија за подигнување на квалитетот на високото образование и научно истражувачката дејност, ако само треба формално да се појавам на ова интервју. Ми стана јасно дека овој став (или одлука) на ИРУ значи дека јас немам никакви шанси да бидам избран за кандидат за член на Националниот совет што и да кажам на интервјуто, без разлика каква визија и размисли да презентирам. Формално сум повикан на интервју, но местото кое му припаѓа на УКЛО мора да биде пополнето со кандидат од подрачјето на земјоделски и ветеринарни науки. Угоре високо удолу длабоко што би рекле ние повозрасните. Прво што си помислив е дека дека си играат мајтап со нас и затоа и вчера и денес во оваа колумна јавно го поставувам прашањето: Зошто не замајуваат со објавување Јавен повик на кој може секој да конкурира, кога тие веќе си ги имаат распределено местата по универзитети и научни подрачја и си знаат од кој универзитет од кое научно подрачје може да биде избран кандидат за член на Националниот совет?. Зошто им е потребно ние кои не знаеме за овие интерни одлуки на помошните тела на Интеруниверзитетската конференција и конкуриравме, да се бламираме на ваков начин, да служиме како декор за наводна демократска и фер процедура на избор, а кандидатите горе долу однапред се познати. Она што најтешко ми падна е тоа што некои колеги (комисија) треба да ме интервјуираат и наводно сериозно ќе ги слушаат моите излагања, па дури можеби и ке ми аплаудираат на убаво кажаните зборови, а однапред знаат дека јас воопшто немам шанси да бидам избран заради постигнатиот договор и донесена одапред одлука.
Е така не ке може ниту во Тунгизија, а не овде кај нас

Разговор со претседателката на Интеруниверзитетската конференција

ВО потрага во вистината и да ми се потврди сознанието директно искомуницирав и со Ректорката на УКИМ кој истовремено е и претседател на Интеруниверзитетската конференција која го врши изборот на кандидати за членови на Националниот совет која ми потврди дека постои таква одлука и дека тие ќе постапат по нејзе таква каква што е бидејќи е донесена врз основа на одредени критериуми. Од вкупно 6 места кои се предлагаат, три места се за УКИМ и по едно за УКЛО, УГД и ДУТ. Бидејќи во раговорот посочив сериозни факти кои не им одат во прилог поради незаконитата и неуставна одлука на ИРУ врз основа на која на ваков начин со Јавен повик се врши изборот, таа онака лежерно ми одговори: ,,Вие појавете се интервјуто, па можеби ние ќе ја смениме одлуката’’. Во тој момент не знаев дали да се смеам или демонстративно да го прекинам разговорот. Но поради нејзиното јавување на мојата преходно упатена замолница да се слушнеме, разговорот го завршив со укажување дека одлуката на ИРУ е дикриминаторска и дека ке побарам надлежна институција да го поништи ваквиот избор на кандидати за членови на Националниот совет. Во секој случај коректен разговор и завршница.

Проблематичност на одлуката на ИРУ

Образложението дека ваквата одлука е донесена со цел да нема преклопување на научните подрачја односно да не се случи некое подрачје да нема свој претставник во Советот едноставно не држи. Што правиме доколку на универзитетите посебно на УКЛО, УГД и ДУТ не се јават кандидати од тоа научно подрачје кое им е доделено со одлуката на ИРУ, а притоа имаат високо компететен научен кадар со сериозно познавање на оваа проблематика во други научни подрачја. А повеќе е од јасно дека имаат? Како Интеруниверзитетската конференција ќе го пополни тоа место кое му припаѓа на тој универзитет, се разбира доколку претходно не им е дојавено да се јават повикот на одредени професори токму од тие научни подрачја?! Или што е подобро да имате двајца-тројца кандидати од едно исто научно подрачје кои имаат силна и квалитетна визија за високото образование и научно истражувачката дејност или да имате ,,реда ради’’ кандидат кој припаѓа на тоа научно подрачје кое му е доделено да го покрие универзитетот, а да нема абер ниту воља за оваков ангажман?. Во тој случај едноставо кандидатот ќе биде изгласан само за да прима некој дополнителен хонорар.
Исто така сакам да прашам дали е добро повторно да имаме членови на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност кои ќе носат одлуки и акти како на пример „Правилникот од 30 јуни 2022 година според кој високообразовните институции мора да инвестираат во најнови технологии за настава… и секако, графоскопи. Да, токму тие старомодни чудовишта со транспарентни фолии што нè враќаат директно во 90-тите години на минатиот век. Очигледно, модерните студенти ќе учат право, економија политички науки, медиуми и комуникација со најсофистицираните дигитални алатки, и со еден магичен графоскоп што полека собира прашина во ќошето. Да, тие исти магични прозирни кутијки со фолија што ги користевме кога Интернетот беше само фантазија. Очигледно и графоскопот е новиот симбол на „современо образование“, и нема подобар начин студентите да учат отколку со прелистување фолија под графоскоп.“ Би било навистина пресмешно, да не е трагично. Но….., на страна ваквиот попатен сарказам за поранешниот состав на Националниот совет.

Формалност наместо суштина

Вчерашниот воден разговор и оваа постапка за избор ја открива суштинската слабост и баналност на процесот: формалните процедури се одржуваат, но изборот е предодреден и ја поткопува научната компетентност и компетитивност. Наместо да се избираат експерти кои ја познаваат проблематиката на високото образование и истражувачката дејност, се прават избори според формални распределби по научни подрачја, утврдени од ИРУ, кои речиси едногласно ги прифаќа Интеруниверзитетската конференција. За жал на ист начин пред неколку години се случи и изборот на дел од членови во Одборот за акредитација предложени од страна на Интеруниверзитетската конференција.
Поширокиот проблем со високото образование
Морам јавно да кажам дека проблемот со високото образование е многу поширок од овој конкретен наводен Јавен повик. Вакви и слични практики ги одразуваат причините за сериозниот пад на квалитетот на високото образование и истражувачката дејност, бидејќи клучните позиции не се пополнуваат според експертиза и визија, туку според формализми и незаконски поточно неуставни интерни одлуки и договори во некакви помошни тела. Без вистински научно компетентни членови во тела како Националниот совет, целата академска и истражувачка политика ризикува да се води формално и неефикасно, со големи последици за студентите, универзитетите и целиот образовен систем.

Прашањето за приватните универзитети

Кога веќе ја отварам Пандорината кутија дополнително сакам да прашам каде се тука приватните акредитирани високообразовни институции?. Зошто професорите од приватните високообразовни институции немаат право да бидат избрани и предложени за членови на Националниот совет од страна на Интеруниверзитетската конференција? Дали тоа некој однапред го дискриминира квалитетот на тие професори односно дали само од 4 државни универзитети имаат право да предложат 6 (шест) свои кандидати за ова тело притоа свесно заборавајќи дека членови на конференцијата се сите универзитети, без разлика дали се државни или приватни и дека сите тие заеднички го претставуваат и бранат својот интерес, фокусирајќи се на стратешките и оперативните прашања од заедничката област на високото образование.
Последици од ваквите практики
Вакви постапки ја деградираат довербата во академскиот систем, го доурнисуваат и така нискиот квалитет на високото образование и истражувачката дејност и ги загрозуваат идните политики за развој на универзитетите и студентите. Високото образование заслужува транспарентност, професионализам и избор според експертиза и квалитетна визија, а не формализам кој ја игнорира суштината.
Затоа почитувана министерке за образование и наука, г-ѓо Јаневска, јавно ве прашувам: Дали сте сигурни дека со вакви неуставни и незаконски практики поточно што би рекле нашите источни соседи ,,неразумни импровизации за пополнение на нештата’’ ќе го подигнете квалитетот на високото образование? Бидете сигурни дека нема.

Повик за преиспитување на одлуките

Ако Владата имаше храброст и доблест да поништи одлука за избор на судии кандидати за во Европскиот суд за човекови права, барајќи вистински и компетентен кандидат, тогаш мора да има уште поголема грижа за тоа кои ќе бидат идни членови во Националниот совет, дури и ако тие се предлози на Интеруниверзитетската конференција. Затоа, јавно ја повикувам Владата и министерката за образование да го преиспитаат овој избор и да ја укинат практиката на предодредена распределба на местата по универзитети и научни подрачја. Изборот на членови во Националниот совет мора да се базира на експертиза, знаење, компетентност и научна компетитивност, а не на формализми и некакви интерни одлуки.

Со ваквата постапка се нарушува принципот на рамноправност и еднаквост. Јавниот повик формално е отворен за сите кандидати кои ги исполнуваат условите, но претходната распределба по универзитети и научни подрачја значи дека голем број кандидати уште во старт немаат реална шанса да бидат избрани, додека други се фаворизирани според однапред познати формални критериуми. Целта на повикот е транспарентен, отворен и професионален процес кој ќе доведе професори кои ке ја подобрат состојбата во високото образование, а не да се поткопува и доурнисува системот како и да се намалува довербата во институциите.

Практичните последици се јасни и предвидливи. Со ваквиот начин на избор на кандидати за членови во Националниот совет можно е да се вклучат лица кои не ја познаваат доволно и целосно проблематиката. Жално и смешно е кога декларативно отворениот Јавен повик станува формалност, додека суштински виско компетентните кандидати се исклучени.

Токму поради ваквиот начин на избор на идни кандидати за членови на Националниот совет демонстративно одбив да се јавам на денешното закажано интервју од страна на Интеруниверзитетската конференција.
На Владата и на пратениците останува да кажат и одлучат дали и понатаму со вакви и слични други импровизации ќе го подигаме квалитетот на високото образование и развиваме научноистражувачката дејност.

П.С. Целта на овој напис не е да се навреди или обвини кој било поединец или институција. Намерата е исклучиво да се поттикне правилен и вистински избор на кандидати за членови на Националниот совет и да се укаже дека продолжувањето со стари, незаконски, неуставни практики и ад хок решенија карактеристични за минатото, со формализам кој ја игнорира суштината, квалитетот и компетентноста, не нé водат кон унапредување на квалитетот во високото образование и побрз развој на научноистражувачката дејност.

Можете да прочитате

Потпишана нова Рамка за соработка со Обединетите нации

Финансиска полиција: Управители на „Еуроникел“ го уништиле комбинатот со сомнителни договори

Неколку пратеници денеска во посета на Агенцијата за разузнавање