
Високиот комесаријат на ОН за човекови права изрази „загриженост“ поради етничкото чистење во Газа и на Западниот Брег. Во извештај високиот комесаријат наведува дека „засилените напади, систематското уништување цели населби и одбивањето хуманитарна помош се чини дека имаат цел трајна демографска промена во Газа“, објави ДПА.
„Ова, заедно со присилните трансфери, кои се чини дека имаат цел трајно раселување, предизвикуваат загриженост за етничкото чистење во Газа и на Западниот Брег“, стои во извештајот.
Израел долго време го обвинува Советот за човекови права на ОН за пристрасност.
„Канцеларијата на Високиот комесаријат е вклучена во злобна кампања на демонизација и дезинформации против Државата Израел. Мора да биде одговорна за нејзината ентузијастичка промоција на поттикнување, искривување и дезинформации. Канцеларијата на Високиот комесаријат, нејзиниот персонал воден од активисти и нејзиното поврзување со таканаречените експерти што шират поттикнување, го изгубија целиот кредибилитет“, се наведува во реакција на израелската мисија во Женева.
Во извештајот на Високиот комесаријат на ОН за човекови права се наведува дека од 1 ноември 2024 година до 31 октомври 2025 година најмалку 463 луѓе починале од глад во Појасот Газа вклучувајќи 157 деца. Во него се вели дека секоја употреба на глад како оружје во војната против цивилното население претставува воено злосторство.
На 9 октомври минатата година стапи во сила планот на САД за прекин на огнот во Газа. Според локалните здравствени власти, контролирани од милитантното палестинско движење Хамас, од тогаш повеќе од 1.500 луѓе се убиени во израелски напади.


