Утрински Весник
Свет

(Видео) Жените во Авганистан протестираа поради забраната за образование, талибанците ги растераа со водени топови

(Видео) Жените во Авганистан протестираа поради забраната за образование, талибанците ги растераа со водени топови

Десетици девојки и жени, главно студентки, излегоа на улиците на градот Херат во западен Авганистан за да протестираат против забраната за образование на жените, воведена од талибанската влада.

dobivaj vesti na viber

Демонстрантите, поделени во помали групи, извикуваа „образованието е наше право“ и се собраа пред канцеларијата на гувернерот на провинцијата, изјави за германската агенција „ДПА“ еден од учесниците на протестот.

Талибанските сили се обидоа да ги растераат со водени топови, стапови и палки. На снимката од настанот се гледа како пожарникарско возило ги полева демонстрантите со вода, која се чини дека била измешана со некои хемикалии.

Остра критика за забраната за образование

Одлуката на Талибанците да им забранат на девојчињата и жените да посетуваат училишта и универзитети наиде на силна меѓународна критика.

Министерот за високо образование на Талибанците рече дека забраната за универзитетско образование на жените е воведена поради фактот што студентките не се придржуваат до строгите правила за облекување, присуствувале на предавања без машки роднини и се мешале со студенти.

Жените и девојчињата се главно исклучени од јавниот живот откако Талибанците ја презедоа власта во август минатата година.

Сакаат да им забранат на жените да доаѓаат на работа

Министерството за економија во саботата им наложи на сите локални и странски невладини организации да им забранат на работничките да доаѓаат на работа, што е уште еден пример за задушување на слободите на жените во таа земја.

Вработените не смеат да работат до понатамошно известување бидејќи некои од нив не ги почитувале владините правила за носење хиџаб, шамија што ги покрива косата и вратот, а која жените треба да ја носат на јавно место.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека е „длабоко загрижен“ оти забраната на талибанците за жените да вршат хуманитарна работа во Авганистан ќе ја загрози клучната хуманитарна помош која спасува милиони животи.

„Жените се клучни за хуманитарните напори ширум светот. Оваа одлука ќе биде погубна за авганистанскиот народ“, напиша Блинкен на Твитер.

Можете да прочитате

Осумгодишно девојче и нејзиниот татко се тешко ранети во престрелка во Лондон

Путин забрани посвојување руски деца од граѓани на земји каде промената на полот е законски дозволена

Се урна авион во Костарика: петмина мртви, една жена се бори за живот