Кафулето „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија во кое синоќа се случи двојното убиство, денес е затворено. До објектот, за разлика од синоќа, може да се пристапи. Отстранети се полициските ленти кои беа поставени за да се обезбеди местото. Денес нема полиција, а ги нема ниту сопствениците. Возилата кои беа паркирани пред локалот се тргнати од улицата. Единствено може можеше да се забележи дека утринава стигнала и пошта, по ковертот закачен на влезот.
Од институциите нема информација дали има некаква трага од вооружената група која вчера упадна во овој локал. Од Обвинителството соопштија само дека се собрани сите траги и докази кои ги оставиле петорицата кои го извршија вооружениот напад.
Синоќа кафулето беше заокружено со полиција. Блокирани со полициски возила беа пристапите до Старата чаршија и местото вриеше од полиција. Без малку во ист број со полицајците, во Старата чаршија до доцна во ноќта беа собрани граѓани од кои многумина се претставија дека се роднини и пријатели на убиените.
Пет лица во униформи синоќа влегоа во кафулето со наредба никој да не мрдне, убија двајца од гостите кои седеле во одвоена просторија и ранија еден.
„Макфакс“ објави детали за тоа како се случи двојното убиство.