Утрински Весник
Македонија

(Видео) Влатко Ѓорчев молел во Стејт департментот за спас на владата на Груевски

Gjorcev.jpg

Кетрин О’Нил, поранешна вработена во Стејт департментот, во поткастот на Тим Пул откри дека Влатко Ѓорчев бил македонскиот претставник кој во 2016 година настојувал американските власти да не ја рушат владата на Никола Груевски. Оваа изјава доби дополнителна тежина со објавувањето на видео во кое таа го соопштува неговото име и фотографија.

Според О’Нил, Ѓорчев, за време на администрацијата на Доналд Трамп, се обидел да лобира пред владините агенции на САД за одржување на тогашната македонска власт. Но, неговите напори биле неуспешни, и покрај тоа што во Македонија се водеше интензивна кампања за поддршка на Трамп, а градот Велес стана синоним за интернет манипулации и дезинформации кои влијаеја врз изборниот процес во САД.


Ова сведоштво отвора прашања за вистинската природа на односите меѓу актуелната македонска влада и администрацијата на Трамп. Дали врските се навистина цврсти или само се претставуваат така за домашна политичка употреба?

Можно е Трамп во меѓувреме да го променил својот став и да нема исти симпатии кон Владата на Мицкоски како што имал кон владата на Груевски. Меѓутоа, доколку се случи промена во американската надворешна политика, тоа ќе биде водено од геостратешките интереси на САД во регионот. Засега, Трамп најотворено стои зад српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во оваа геополитичка поставеност, позицијата на Македонија останува неизвесна, особено имајќи го предвид влијанието на Косово и неговиот премиер Албин Курти. Курти е јавно критикуван од американска страна, што директно влијаеше на изборите во Косово. Дополнително, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Влен, е близок до косовската политика на Курти, што може да предизвика дополнителни компликации.

Поради ова, односите меѓу Приштина и Белград би можеле да се прелеат и во Македонија, ставајќи ја земјата во ризик од несакани последици. Владата на Мицкоски мора да биде исклучително внимателна при градењето на коалициските врски со Влен, особено со оглед на тоа што во неговите редови има членови на Самоопределување кои најавуваат можност за формирање огранок во Македонија.

Ова нема да остане незабележано ниту од Вучиќ, ниту од потенцијалната нова администрација на Трамп.

Можете да прочитате

Меџити ветува илјадници вработувања, Минчев го обвинува за популизам

Кај Демир Капија – Смоквица до крај на месец мај ќе има измена на сообраќај, односно целосно затворање на „Тунел Т2“

Спасовски: Македонскиот јазик е европски и светски признат