Утрински Весник
Свет

(Видео) Украински дрон го погоди Курск, а Москва го одби нападот, тврди Русија

(Видео) Украински дрон го погоди Курск, а Москва го одби нападот, тврди Русија

Украинско беспилотно летало го погоди западниот руски град Курск, изјави гувернерот на провинцијата Роман Старовојт, а Москва повторно го одби нападот со беспилотно летало, според официјални извештаи.

dobivaj vesti na viber

Според првичните информации, беспилотното летало удрило во покривот на зградата на железничката станица, објави утринава Старовојт на Телеграм.

Покривот се запалил, а пет лица се полесно повредени од парчиња стакло, рече тој. Службите за итна помош се на терен. Дополнителни детали не беа веднаш достапни.

Информацијата не можеше да се потврди независно. Курск е центар на истоимениот регион на границата со Украина. Градот се наоѓа на околу 500 километри јужно од Москва.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин рано утринава на Телеграм објави дека беспилотно летало се обидело да прелета над главниот град во текот на ноќта.

Тој додаде дека противвоздушната одбрана го спречила тоа. Дополнителни детали, исто така, не беа достапни, а информациите не можеа независно да се проверат.

Двата московски аеродроми, Внуково и Домодедово, привремено ги прекинаа полетувањата и слетувањата во текот на ноќта, рече градоначалникот.

Руската прорежимска државна новинска агенција ТАСС ја објави суспензијата на летовите, цитирајќи претставник на службата за воздушен сообраќај. Москва неодамна во неколку наврати го ограничуваше воздушниот сообраќај поради напади со украински беспилотни летала.

Последното беше во петокот наутро кога московските власти соопштија дека нападот со беспилотно летало бил одбиен недалеку од централната деловна област на градот.

Русија околу година и пол води војна против соседна Украина. Неодамна имаше серија напади со беспилотни летала на руска територија, од кои некои беа извршени далеку од пограничната област.

Можете да прочитате

Русија врати седум украински деца со посредство на Катар

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд