Обвинителката Ивана Трајчева го гони ексгенералниот секретар Драги Рашковски и за ново дело – фалсификување исправа. Таа тврди дека тој свесно употребил лажен документ од банка, за да докаже невиност во случајот „Софтвери“. Според обвинителката, Рашковски доставил картица од партија за лицето Љубен Милошоски, за да прикаже одлив на средства од 620.033 денари и минусно салдо од 554.519 денари. Според Обвинителството ова е невозможно бидејќи на сметката од Милошоски (роднина на семејството Рашковски) имало банкарски лимит на околу 50.000 денари. Со документот од банка, Рашковски правдаше потекло на пари на сметките од неговите деца.
„Во делот меѓу останатите докази предложени и изведени од страна на обвинетиот Драги Рашковски беше изведена и картица – партија, за конкретното лице кое што го споменав (Љубен Милошоски) и на оваа картица партија стоеше колкав е лимитот на лицето. И покрај лимитот, стоеше дека оди во многу поголем износ во минусно салдо, што едноставно не е возможно од причина што знаете и сите дека колку што е лимитот толку може да се оди во минусно салдо. Со оглед да и самиот обвинет при изведувањето на доказите го потенцираше овој дел, односно колку ова лице отишло во минусно салдо за обвинителството е неспорно дека знаел што во суштина прави лажен доказ. Кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот е фалсификување на исправа, но по самиот опис на дејствијата произлегува дека обвинетиот Драги Рашковски свесно употребил лажен доказ за кој што знаел дека не е точен, дека не е вистински но свесно го употребил во текот на одбраната“, кажа обвинителката Трајчева во изјава за „Макфакс“.
Адвокатот Владимир Доневски, бранител на Рашковски, бараше одлагање на расправата.
„Во однос на измените на обвинителниот кат, има повлекување на дело. Ние ќе имаме потреба од одлагање на денешната главна расправа. Бидејќи има проширување, а одлагањето е потребно заради аргументирање и спротивставување на наводите на Обвинителството, да доставиме дополнителни докази, особено оригиналот на изводот од картица. Предлагам судот ако има согласност на Обвинителството во овој дел да издвои постапката за обвинителниот предлог, а ако нема, и судот смета дека нема услови за тоа, да ни се даде рок за подготвување на одбрната“, рече адвокатот на Рашковски.
Се спротистави обвинителката Трајчева на ваквиот предлог.
„Сметам дека не треба да се прифати предлогот за одвојување на постапката а заради прибавување на оригинален доказ, од причина што Обвинителството во доказната постапка достави оригинален доказ од НЛБ банка за лицето од кое беше употребена картицата за партија и на таа картица за партија има потпис и печат на секоја страна од истата со што неспорно се потврдува веродостојноста на доказот. Од друга страна при образлагањето за обвинителниот предлог, и на што се темели, доказите за овој обвинителен предлог се изведени во текот на постапката. Ниту Обвинителството не достави нови докази со поднесување на обвинителниот предлог. Ценам дека судот има доволно докази врз основа на кои што може да ја утврди фактичката состојба во предметот. Се противам да на одбраната и биде дадено дополнително време за спремање на одбраната, од причина што, согласно утврдената динамика на следното рочиште само јавното обвинителство ќе дава завршни зборови. Дури за потоа, е планирано да се започне со завршни зборови за одбраната. Имајќи во предвид временскиот рок, како и фактот дека сите докази се изведени, меѓу кои и доказите на обвинетиот Рашковски, одбраната има време за завршни зборови на рочиштето за кое беше планирано“, врати Трајчева.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска не го прифати предлогот за раздвојување на постапката и рече: „Специфична ситуација е дека делото е сторено во текот на главната расправа. Тоа се содржи во списите на предметот“.
Трајчева на рочиштето направи и измена на обвинителниот акт.
Прашана од „Макфакс“ дали со измените, му се олеснува положбата и може да добие поблага казна, Трајчева одговори: „За казната јас не би можела да кажам бидејќи тоа е одлука на судот дали ќе има осудителна или ослободителна пресуда и доколку има осудителна колкава би била казната. Но има само намалување во поглед на износот на паричните средства и временскиот период со оглед да финансиската состојба на обвинетиот Драги Рашковски беше испитувана од страна на обвинителството за целиот временски период додека бил генерален секретар, а потоа нели советник. Со оглед да во текот не се отвори точно од кое кривично дело потекнуваат парите од 2017 година до првата уплата од предметните јавни набавки, а притоа од сите податоци односно докази кои што се прибавени не произлегува дека можел да ги стекне на легален начин овие парични средства од тие причини денеска јас како обвинител кој постапува по предметот направив измена, го намалив временскиот период и го намалив износот на паричните средства, но истото кривично дело му останува. Но за периодот од 2017 до првата уплата од парите од јавните набавки за овој временски период сосе доказите согласно склучениот меморандум помеѓу ДКСК и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, обвинителството испрати известување со прилог документација како надлежна институција до комисијата за да го испита овој временски период, односно дали овие парични средства имаат легално потекло или не, бидејќи според обвинителството немаат легално потекло“, рече обвинителката Трајчева.
Следното рочиште е закажано за 12 мај.