Познатите личности и фанови ѝ оддадоа почит на Тина Тарнер, соул-ѕвездата зад хитовите како The Best и What’s Love Got to Do With It, која почина на 83-годишна возраст.
Светските медиуми се едногласни: позната како кралица на рокенролот, таа беше огномет на сцената и една од најнезаборавните вокали на својата генерација.
Повеќето од хит-песните на Тарнер ги напишале други, но таа ги оживуваше со глас што музичкиот критичар на „Њујорк Тајмс“, Џон Парелес го нарече „еден од најнеобичните инструменти во попот“.
Почести се оддаваат ширум светот – од колеги пејачи до претседатели.
Бијонсе напиша дека Тина е олицетворение на страста и моќта, додека сер Мик Џегер ја нарече прекрасен пријател и енормно талентиран изведувач. „Таа ми помогна толку многу кога бев млад и никогаш нема да ја заборавам,“ твитна Џегер.
Сер Елтон Џон ја нарече тотална легенда на плочи и на сцена. „Изгубивме една од највозбудливите и најелектрични изведувачи на светот… Таа беше недопирлива,“ напиша тој.
Актерката Анџела Басет, која беше номинирана за „Оскар“ за потретирањето на Тарнер во филмот What’s Love Got to Do with It од 1993 година, напиша дека се чувствува понизно што помогнала да ја покаже на светот. „Таа ни го даде целото себе. Тина Тарнер е подарок кој секогаш ќе биде simply the best или едноставно најдобра.“
Канадскиот пејач Брајан Адамс, кој се здружи со Тарнер на синглот It’s Only Love од 1985 година, твитна: „Sветот штотуку изгуби една пеколно моќна жена“.
Семејството Обама истакна дека Тина ја пееше својата вистина низ радост и болка.
Ним им се придружи актуелниот американски претседател Џо Бајден, кој го поздрави нејзиниот огромент талент за кој напиша дека таков талент се случува еднаш во генерација.
„Надминувајќи ги неволјите, па дури и злоупотребата, таа изгради кариера за векови, живот и, наследство, кое е целосно нејзино,“ напиша Бајден.