Утрински Весник
Спорт

(Видео) Светски рекорд за Сјостром и штафетата на Австралија, Ледецки доминира на 800 метри краул

(Видео) Светски рекорд за Сјостром и штафетата на Австралија, Ледецки доминира на 800 метри краул

Сара Сјостром, Кејти Ледецки и мешаната штафета 4×100 метри на Австралија го обележа денот на Светското првенство во пливање. Сјостром и Австралиците поставија нови светски рекорди, а Ледецки влезе меѓу легендите, откако го освои шестиот златен медал во дисциплината 800 метри слободно.

dobivaj vesti na viber

И покрај тоа што има 30 години,Сјостром се уште е една од најдобрите пливачки во светот. Швеѓанката за само десет минути повторно ја фасцинираше планетата на Светското првенство во Фукуока.

Таа прво славеше во финалето на трката 50 метри со делфини. Победи со време 24.77 секунди и стигна до своето 12 злато на планетарните првенства во големи базени, а на своето конто има вкупно 21 медал. Џанг од Кина беше втора со 25.05, додека Американката Волш заврши на третото место со 25.46.

Само десет минути подоцна Сјостром се појави на стартот од полуфиналето на 50 слободно и потврди дека е најбрзата пливачка во историјата. Таа го помести сопствениот рекорд од 23.67 на 23.61 секунди. За новиот светски рекорд таа беше наградена со 30 илјади долари.

Австралија го заокружи одличниот ден за своите пливачи со очекуван триумф во мешана (двајца мажи и две жени) штафета 4×100 слободно, зачинета со светски рекорд. Картрајт, Чалмерс, Џек и Моли О’Калахан ја минаа целта за 3:18.83 минити за да ја надминат сопствената граница од соништата (3:19.39). САД беа втори, а Велика Британија трета.

Кејти Ледеки го надмина Мајкл Фелпс по бројот на златни медали на светските првенства. Американката победи на 800 слободно со време од 8:08.87 и се искачи на врвот на вечната листа со 16 златни медали. Ледецки владее во оваа дисциплина од Барселона 2013 година и има вкупно шест златни медали.

Втор беше Кинската Ли со 8:13.31, додека трета заврши Тимус од Австралија (8:13.59).

Литванката Рута Меулитите го израмни светскиот рекорд во дисциплината 50 метри градно во полуфиналето. Таа сега го дели најдоброто време во историјата со Италијанката Бенедета Пилато со 29.30 секунди.

Можете да прочитате

Хагерти за Надал: Организиравме сè онака како што сакаше Рафа

Поранешен фудбалер со нож нападнат во Њујорк

Намибиски новинар му одговори на Перез: Тој е фрустрирана личност