Утрински Весник
Свет

(Видео) Супертајфунот предизвика хаос во Кина: најмалку 11 лица загинаа, а 27 се водат како исчезнати по силното невреме

(Видео) Супертајфунот предизвика хаос во Кина: најмалку 11 лица загинаа, а 27 се водат како исчезнати по силното невреме

Најмалку 11 лица ги загубија животите, а 27 се водат како исчезнати, откако обилните дождови го зафатија Пекинг, а на помош на жителите им пријде и војската.

dobivaj vesti na viber

Воени хеликоптери доставуваат залихи на патниците заробени во возовите по силната бура што го опустоши кинескиот главен град.

Бурата „Доксури“ најпрво ги погоди Филипините со јачина на супертајфун, а потоа продолжи кон север кон Кина и ја погоди јужната кинеска провинција Фуџијан, од која беа евакуирани стотици илјади луѓе.

Кинеската државна телевизија „CCTV“ објави дека најмалку 11 лица загинаа во обилните дождови, а 27 се водат како исчезнати.

Околу 150.000 жители останаа без вода за пиење, а до нив се доставуваат цистерни со вода. Синоќа беше издадено предупредување за невреме не само за Пекинг туку и за соседната провинција Хебеј.

Метеоролозите предупредуваат на поплави и можни свлечишта, а градските власти ја активираа акумулацијата за контрола на поплавите, првпат од 1998 година, кога е изградена.

Кина летово се соочува со екстремни временски услови кои научната заедница ги припишува на климатските промени. Тие, исто така, предупредуваат дека пробивањето на облаците може да предизвика уште полоши поплави од оние во јули 2012 година, кога загинаа 79 лица.

И додека прогнозите укажуваат на слабеење на „Доксури“, се приближува вториот тајфун „Ханун“, кој оваа недела би можел да го погоди густо населениот крајбрежен регион на Кина.

Властите стравуваат дека „Ханун“ може да предизвика дополнителна штета.

Можете да прочитате

Три тела извлечени од потонатиот туристички брод во близина на брегот на Египет

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата