Сè повеќе индиции говорат дека тендерот од 22 милиона евра е местен од страна на власта за конзорциумот во чиј состав е ЕПТИСА, која претходно е прогласена од истата Влада дека работела незаконски, неетички и несоодветно. Најновите документи што дојдоа до нас говорат дека „Електра солушн“, на 30 годишниот Андон Ампов, која е составен дел од конзорциумот што го добива тендерот од 22 милиона евра, добива лиценца за надзор во тек на постапката за избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д, изјави Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
Тој ја објави лиценцата што Министерството за транспорт и врски ѝ ја издава на „Електра солушн“ на 3.10.2022 година, што е 3 недели по распишаниот јавниот повик за избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д.
Овој документ говори дека во периодот кога јавниот повик бил распишан, „Електра солушн“ немала лиценца за надзор и ја добива на 2 недели пред истекот на првичниот рок за доставување на понудите, кој бил на 17.10.2022 година, рок што на 10.10.2022 година е продолжен за нови 8 дена, наведе Стојаноски.
Стојаноски прашува дали „Електра солушн“ ја вади лиценцата со цел да учествува токму на јавниот повик за избор на надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д? Дали рокот е продолжен за да може да се формира конзорциумот на ЕПТИСА и „Електра солушн“? Дали со продолжување на рокот за поднесување понуди власта им овозможува на конзорциумот ЕПТИСА и на „Електра солушн“ да достават понуди?
Тој додава дека и не само што „Електра солушн“ добива лиценца во тек на постапката за поднесување понуди, туку и дека таа, односно нејзиниот сопственик и управител Андон Ампов, е именувана да го претставува конзорциумот.
30-годишниот Ампов од „Електра солушн“, која добива лиценца во тек на постапка и која нема никакво искуство во работење со проект од тој обем, е избран за претставник на конзорциум што треба да врши надзор од 22 милиона евра врз инфраструктурни проекти од над 1 милијарда евра.
Очигледно е дека има многу прашања на кои Бочварски и Ковачевски мора да почнат да даваат одговори, а ЈО да почне истрага пред воопшто да почне проектот и пред можеби да бидат нанесени штети врз проектот и буџетот, изјави Стојаноски.