
Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка
Почитувани,
Неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ освен што не успеа да се справи со пожарите сите активности ги сведе на лажен ПР и манипулации.
Пред неколку месеци, власта најави ангажирање на 400 пожарникари преку општините, со месечен надоместок од 24.000 денари.
Им ветија обуки, ангажман, а на најдобрите и трајно вработување. Се спроведе селекција, се направи избор, се анжараа.
Поминаа месеци. И што се случува со овие 400 пожарникари по општините?
Според информациите кои до нас ги доставија свиркачи сите тие 400 млади луѓе што беа примени во август заклучно со 17 септември сè уште немаат земено ниту една плата!
Извори во различни општини информираат дека исплатата е блокирана и не може да се реализира поради изборите, бидејќи станува збор за „вонредно плаќање”.
Јавно го прашуваме премиерот Мицкоски дали е ова точно?
Ако е се потврди, ова значи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ги излажала граѓаните, свесно ги излажала овие млади луѓе.
Ги искористила за политичка реклама, а потоа ги оставила без денар. А граѓаните без потребната заштита.
Срамно и понижувачко.
Во време на пожари и еколошки катастрофи, оваа власт е неспособна и измамничка. Наместо да го зајакнат противпожарниот систем и да ја зголемат безбедноста на граѓаните, тие направија евтин ПР.
Кој сега ќе понесе одговорност за оваа катастрофа?
Или и за ова ќе ги обвинувате измислени хибридни напади и центри на моќ?
Со вакви лаги и манипулации, нема да го зајакнете системот за заштита и спасување – само ја губите довербата на граѓаните и ја уништувате безбедноста на државата.
Изгоре 20% од територијата, горат депонии, народот се гуши. Кој во власта ќе одговора за катастрофата со пожарите?