Снимки од три надзорни камери сведочат за прегазувањето на пешакот на мостот „Гоце Делчев“. Седум месеци ѝ се суди на Гордана Филиповиќ која го управуваше возилото „БМВ Х5“, кое удри во 76-годшниот Слободан Ангеловски. Таа на денешното судење се криеше зад адвокатот кога влезе снимателот на „Макфакс“, а потоа, бранителот побара од судот обвинетата да не биде снимана. Ова, судечкиот совет не го дозволи и објасни дека медиумите ја снимаат атмосферата во судницата и дека за тоа имаат дозвола од Врховниот суд.
Рочиштето траеше час и половина. Се прикажуваа снимки од надзорните камери поставени во близина на несреќата. Едната камера е од „Безбеден град“, другата е од зградата на МНТ која гледа кон булеварот. Првата ги покажува моментите по несреќата, се гледа автомобилот и деловите расфрлани околу него. Втората, покажува како реагирал сведокот – излегол од автомобилот и се упатил кон џипот на обвинетата. Се гледаат моментите кога доаѓа полицијата, Брзата помош. На претходното рочиште, на снимките се гледал и моментот на несреќата – поминувањето на пешакот на пешачки, сопнувањето, падот и неговото смртоносно прегазување.
Обвинителката која го застапува обвинението, раскажуваше пред судот што се гледа на снимките. Објаснуваше за постапките кои ги презел сведокот. Две од снимките траеја и по 40 минути. Другите и пократко. Адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго реагираше на дел од описите кои ги даваше обвинителката.
На следното рочиште, закажано за во септември, треба да се изведат двете вештачења за сообраќајката – на семејството на загинатиот и на обвинетата. Неофицијално, двете се спротивни едно на друго. Потоа ќе треба да се сослуша и обвинетата.
Во јануари минатата година кумановката Филиповска, управувајќи „бмв х5“, го усмрти Ангеловски кај мостот „Гоце Делчев“, а на почетокот на судењето минатиот месец рече дека не чувствува вина. Нејзиниот адвокат најави дека ќе докаже оти најголем придонес за несреќата има покојниот, а Обвинителството, пак, е децидно дека ќе докаже оти вината е кај обвинетата.