Утрински Весник
Македонија

(Видео) Ревија во чест на храброста, духот и вистинската убавина на жената која го победи ракот

Whatsapp Image 2024 12 23 At 22.05.03 29bb1ec9.jpg

22 декември 2024 година ќе остане запаметен како ден на заедништво, емоции и триумф за сите членови, поддржувачи и пријатели на здружението ХЕМА-ОНКО. Овој посебен ден беше посветен на жените кои со својата храброст, дух и убавина ја надминаа борбата со ракот, како и на сите што сè уште ја водат оваа битка.

Настанот, симболично насловен „Во чест на храброста, духот и вистинската убавина на жената која го победи ракот“, претставуваше повеќе од модна ревија – беше вечер на поддршка, солидарност и надеж за сите што живеат со оваа дијагноза. Присутните ја исполнија салата до последно место, споделувајќи еден незаборавен момент на инспирација и емпатија.


Модата како израз на живот и издржливост

Модно Атеље ЕЛЕНА ЛУКА креираше исклучителни модели кои со својата елеганција и софистицираност ја одразија внатрешната сила и убавина на жените што ги носеа. На пистата, секоја жена блескаше со својата уникатност, носејќи не само прекрасна облека, туку и својата лична приказна за победа и надеж. Нивната самодоверба, радост и гордост беа вистинска инспирација за сите присутни. Публиката ја поздрави секоја учесничка со огромен аплауз, препознавајќи ја нивната сила и издржливост.

Заедништво и поддршка од медицинската заедница и дипломатскиот кор

Настанот беше збогатен со присуството на претставници од амбасади, како и почитувани доктори, онколози, хематолози, патолози и медицински сестри. Тие со своето присуство ја изразија својата поддршка и благодарност кон храбрите жени кои чекореа по пистата, но и кон сите што секојдневно се борат со ракот. Над 200 присутни во преполната сала ја покажаа својата солидарност, испраќајќи порака дека никој не е сам во оваа битка.

Благодарност до партнерите и поддржувачите

Овој настан не би бил можен без несебичната поддршка на нашите партнери, чии заложби ја направија оваа вечер магична:

“Модно Атеље ЕЛЕНА ЛУКА” – за прекрасните тоалети и креации кои ја облагородија пистата,

Словачката амбасада во Македонија – за нивната континуирана поддршка,

Козметика АУРА Македонија – за улогата во стилизирањето и шминката на учесничките,

СУГС Димитар Влахов – чијшто талентирани ученици придонесоа за изгледот на нашите модели,

Forza Wine Bar & Restaurant и Винарија Тиквеш – за прекрасниот коктел и пријатната атмосфера по завршувањето на ревијата.

Жанет Маркушова Кристинова, сопругата на словачкиот амбасадор, беше клучен дел од тимот кој помогна во организирањето и реализирањето на овој настан. Нејзиниот придонес и лична заложба беа клучни за успешната реализација на вечерта.

Посебна благодарност за моделите и водителката

Жените што зачекорија по пистата беа вистинските хероини на вечерта. Нивната храброст и сила ја создадоа магијата што сите ја почувствувавме. Посебна благодарност упатуваме и до водителката Ели Танасковска, чија реторика и топлина внесоа посебна димензија на целиот настан. Со нејзиниот глас и зборови, таа ги претстави жените на начин кој го одразува нивното достоинство, убавина и храброст.

Во чест на оние што повеќе не се со нас

Овој настан беше и потсетник на оние кои ја загубија битката со ракот, но чиј дух продолжува да живее во срцата на нивните семејства, пријатели и заедницата. Преку овој настан, им оддадовме почит и ја нагласивме важноста на продолжување на борбата за живот и надеж.

Настанот „Во чест на храброста, духот и вистинската убавина на жената која го победи ракот“ уште еднаш покажа дека заедно можеме да создадеме простор за поддршка, љубов и заедништво.

Во име на ХЕМА-ОНКО и сите учесници, упатуваме длабока благодарност до сите што беа дел од оваа вечер. Вашата поддршка значи многу и ни дава сила да продолжиме понатаму.

Можете да прочитате

Калајџиев: Се оцрнуваат луѓе во опозиција, тоа е најлесно

Тошковски: Нема официјална потврда од ниедна соседна земја каде е Груби

Лимани: Горд сум што Гостивар има целосна поддршка од централната власт