Пратеникот Љупчо Балкоски од ВМРО-Народна партија побара јавно да се објави договорот помеѓу Владата и компанијата „Бектел и Енка“ за изградба на автопатишата. Балкоски посочи: „Бидејќи договорот не е доставен официјално, бараме од Владата да го објави договорот или да им го презентираат на коморите, стручните здруженија и на невладините организации од оваа дејност и да објасни дали измените и дополнувањето на законите се содржани во договорот како обврска на Владата“.
„Зошто е потпишан, прво, договорот, па се прават измени на законите, кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија?“, праша Балкоски и додаде „ВМРО-Народна партија за предлогот за потребата од донесување предлог-закони по скратена постапка за изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10 д гласаше против тие да се разгледуваат на седница на Собранието“.
Тој додаде дека Владата треба да објасни зошто надлежните министерства не се подносители на законите, туку ги поднесуваат пратениците.
„Договорот со ‘Бектел и Енка’ е потпишан на 28.3.2023 година, а на 4.4.2023 година се почнати и работите. Не може по потпишување договор и почнување на работите, да се менуваат условите за работа, особено со менување закони што имаат влијание врз изградбата, финансиите и рокот за изградба. ВМРО-НП уште при донесување на основниот закон во 2021 година реагира на членовите од договорот со кој се исклучуваат примените на законите во целост или делумно и ги потенцира сите проблеми што сега се отвораат. Напоменуваме дека со донесување на овие закони се исклучува примената на финансискиот систем на државата и на правниот систем во делот на важноста на овие закони“, рече Љупчо Балкоски.
Тој бара повлекување на законите.