Обилните дождови попладнево силно ги зафатија Велес, Крива Паланка и Кавадарци.
Центарот за управување со кризи информираше дека во Велес силниот дожд траел околу десетина минути, а поплавени биле два деловни објекта на улица Благој Горев.
„По кратката интервенција на 3 пожарникари (чистење на затната шахта) поплавата беше санирана без поголеми штети“, велат од ЦУК.
Дојава имало и за поплавена куќа на улицата В. Атанасов 22 во населбата Превалец. Екипа на ТППЕ со 3 пожарникари, едно ПП возило со пумпа беа на терен за санирање на штетата. Поплавени биле простории во приземјето.
Во Кавадарци, на регионалниот пат од Кавадарци-Прилеп, кај тунелите од силното невреме е пријавено надоаѓање на поголема количина на вода со опасност за излевање.
„Веднаш беа известени субјектите во СУК и беше стапено во контакт со лицето од ЕЛС Кавадарци кое не извести дека е стапено во контакт со изведувачот на тој патен правец и дека во случај на излевање на реката, во содејство со изведувачите на автопатот – Сино Хидро ќе интервенираат со нивни машини за да не дојде до излевање и поплавување на патот“, објави Центарот за управување со кризи.
Силниот дожд направи проблеми и во Крива Паланка. Надојдените води однесоа дел од регионалниот пат од селото Огут кон село Нерав.
„Поради силниот пороен дожд во попладневните часови на територијата на Општина Крива Паланка надојдена е реката Латковица кај селото Огут. Од надојдената буица-вода кај пропустите на патот прекинат е сообраќајот на регионалниот патен правец с.Огут кон с. Нерав. Регионалниот пат води кон граница со Република Србија. За настанот веднаш се известени Градоначалникот на Општина Крива Паланка како и Раководителот на Македонија пат Подружница Кр. Паланка“, објави ЦУК.