Утрински Весник
Македонија

(Видео)Побарајте помош ако имате напнатост и несоница по лажните вести за киднапирање и труење ученици

(Видео)Побарајте помош ако имате напнатост и несоница по лажните вести за киднапирање и труење ученици

Анксиозност, нерасположеност, социјално изолирање од другите и чувство на срам иако не направиле ништо лошо се очекувани последици од лажните вести што се појавија во училиштата откога стивнаа дојавите за бомби. Со штетите од лажните вести за киднапер на деца во музичкото училиште во Скопје и отруен средношколец со дрога ставена во пијалак во кафуле допрва треба да се справуваме. Директорот на Универзитетската клиника за психијатрија, Стојан Бајрактаров, вели дека во справувањето со последиците треба да се вклучат не само лекарите туку и сите засегнати институции, како и семејствата.

dobivaj vesti na viber

„Да кажат дека во некое училиште, во некој парк или каде и да било се случила некоја масовна негативна појава кај млади лица, сигурно дека, и да не знаете во кое училиште е, како родител ќе бидете потресени. Ако вашето дете или близок пријател бил изложен на некој напад и потоа изложен на неадекватно известување или промовирање лажни вести поради себепромоција или други бенефити кои може да се насетат, тогаш сигурно ќе бидете под стрес. Замислете лажно да ве обвинат, лажно да напишат за вас, во ваква позиција се, нели, и фамилии на некои ученици, во ваква позиција се и наставници или пријатели, кои лажно се обвинуваат, се шират разни вести за разни појави и многу е реално да се очекува дека тие ќе имаат проблеми со своето ментално здравје. Дали ќе настапи анксиозност, нерасположеност, дали социјално ќе се изолираат од другите, дали ќе чувствуваат срам, а ништо лошо не направиле, тоа се симптоми поради кои секако може да побараат професионална помош. Дали кај нас, дали кај психолог, секако кај некој специјалист за ментално здравје“, вели директорот Бајрактаров.

Од примарно значење е учениците и сите други што се засегнати од лажните вести да се охрабрат да побараат помош. Бајрактаров посочи кои симптоми не треба да ги игнорираат и покажуваат дека треба да се побара стручна помош.

„Кога веќе ќе забележат дека тоа влијае на нивното функционирање, на нивната функционалност, на нивното исполнување на секојдневните обврски, кога ќе забележат симптоми со кои не може да се справат, како напнатост, нерасположение, несоница, сигурно дека може да побараат помош. Живееме во модерно општество, еве денес имавме еден многу убав настан со студентите на медицина. Дојдоа речиси 150 луѓе. Ти самите побараа да зборуваме за разни аспекти на менталното здравје. И тоа ми е еден показател дека веќе менталното здравје не е табу и нема таква стигма, туку можеме отворено да зборуваме и дека многу луѓе отворено бараат помош“, објаснува Бајрактаров.

Не бевме вознемирени, меѓутоа не ни беше пријатно, вели директорката Стојанова

На директен удар на лажните вести беа музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што крадец беше претставен како киднапер на деца, и гимназијата „Георги Димитров“, каде што смртта на матурант по пад од висина беше лажно претставена како труење со дрога ставена во пијалак во кафуле. Во двете училишта директорите велат дека имаат мерки за менталното здравје на учениците и наставниците, но не сакаат да зборуваат пред камери.

Даница Стојанова, директорка на Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, за „Макфакс“ вели дека лажната вест за киднаперот на деца пред нивното училиште не ги вознемирила многу.

Саша Стоименов, директор на гимназијата „Георги Димитров“ не одговори на прашањата за вознемиреноста на учениците и наставниците

„Во центарот не бевме вознемирени, меѓутоа не ни беше пријатно да читаме фејсбук-статус, каде што е апострофирано училиштето ДМБУЦ ‘Илија Николовски-Луј’. Реагиравме според насоките на полицијата, човекот на фотографиите е крадец, уредно пријавен од наша страна во полиција. Господинот, кој, без да размисли, објавил на својот фејсбук-профил, веднаш јавно се извини и ја тргна објавата, што во случајот беше многу добро. Истовремено, многу од медиумите се јавија и не ја објавија лажната вест, без да проверат. Пријавивме во МВР и по спроведениот протокол, излезе демант од нив и сè се заврши без големи сензации и скандали, на кои сме навикнати од минатото. Ваквите лажни вести оставаат простор за наша голема недоверба на социјалната мрежа, во медиумите и во новинарската фела. Истовремено, остава простор за идеја што може да се оствари. Треба сите да се избориме со ова. Денешната техничка енергија повеќе се насочи кон сензација и злонамерност наместо емпатија, едукација и решавање на проблемите што нè засегаат сите нас како општество. Во иднина апелирам секој родител да пријави во полиција каков било сомнеж, ние како училиште не сме одговорни за учениците надвор од училиштето. Затоа, да бидеме претпазливи и да учествуваме сите заедно – ученици, родители, наставници -во вакви непријатни ситуации, кои може да завршат фатално“, вели директорката Стојанова.

За разлика од неа, директорот на гимназијата „Георги Димитров“, Саша Стоименов, првин рече дека во училиштето имаат формирано посебен тим кој работи со учениците по лажната вест за труењето, рече дека ќе назначи некого од тимот да каже што работат, но потоа се скри. Не креваше слушалка, не одговараше на повиците, а кога „Макфакс“ го побара во училиштето, го испрати обезбедувањето да каже дека не е во канцеларија.

Токму поради затвореноста на институциите, Бајрактаров вели дека и борбата против лажните вести, исто како и справувањето со последиците од нив, треба да тргне од семејството.

„Треба со резерва да земаме сè што се случува. Треба да бидеме и малку критични за она што го слушаме, да знаеме од кај ги земаме вестите, изворите и секој треба да тргне сам од себе. Ако зборуваме за вакви вредности, тие се градат на повеќе нивоа – на општествено, на институционално ниво, меѓутоа и на фамилијарно ниво. Ако не можеме да влијаеме на некое повисоко ниво, она што сите можеме да го направиме е да се обидеме да ги почитуваме, да ги развиваме тие вредности внатре во фамилијата, каде што можеме да влијаеме“, вели Бајрактаров.

Профилот на лица кои прават лажни вести го отсликува Светскиот извештај за среќа, изгубен е зборот доблест

На прашањето дали психијатријата има објаснување за профилот на луѓето што си дозволуваат да објавуваат лажни вести, како киднапирањето и труењето, Бајрактаров одговара со делови од Светскиот извештај за среќа, презентиран неделава.

За да одговорам на вашето прашање, би се осврнал на Светскиот извештај за среќа, кој беше објавен пред неколку дена. Беше погрешно интерпретиран од повеќе медиуми. Не сме ние меѓу најнесреќните, некаде на средина сме. Секако, може да ја подобриме нашата среќа, меѓутоа не се работи во извештајот толку за среќа колку што се работи за квалитет на живот и за многу одредници, карактеристики на еден поединец и според тоа и на народот. Има таму и насоки како да го подобриме тоа. Во однос на вашето прашање би одговорил дека таму се споменуваат и вредносни зборови, кои сме ги заборавиле или кои веќе изгубиле на својата вредност, како што е доблеста, како што е извонредност на карактерот, кои ги читаме, за жал, во старите романи, а во модерното општество се изгубени“, објаснува Бајрактаров.

Неговиот заклучок, исто како и заклучокот на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство во однос на лажните вести, е дека Македонија не е исклучок од светскиот тренд на промовирање искривени вредности што ги наметнува дигитализацијата.

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Можете да прочитате

Петрушевски: СДС се виновни што Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира

(Видео) Нова епизода на подкаст Зрак со д-р Марина утре во 21.00 часот

За првпат после долго време – Воздухот во Скопје е чист