Утрински Весник
Свет

(Видео) Педесет полицајци повредени во немирите во Лајпциг

(Видео) Педесет полицајци повредени во немирите во Лајпциг

Крајнолевичарските демонстранти викендов се судрија со германската полиција во источниот град Лајпциг во немири предизвикани од неодамнешната судска одлука, со која во затвор беа испратени една жена позната по антинацистичкиот активизам и тројца нејзини соучесници.

dobivaj vesti na viber

Немирите избувнаа во средата откога судот во Дрезден осуди четворица левичарски милитанти на затворски казни поради акти на насилство врз осомничени неонацисти.

Во фокусот на случајот беше 28-годишната студентка Лина Е., наводниот водач, на која ѝ беше одредена затворска казна од пет години. Другите тројца добија затворски казни од две години и пет месеци до три години и три месеци.

Во знак на протест против судската одлука, локалните активисти најавија марш наречен „Денот Х“. Иако беше забранет од локалните власти поради загриженост за безбедноста, собирот привлече стотици демонстранти, а првичните процени велат дека бројот на учесници бил 1.500.

Демонстрациите почнаа мирно, но подоцна прераснаа во насилство во кое демонстрантите ги гаѓаа полицајците со камења и шишиња. Полицијата во Лајпциг соопшти дека во судирите викендов биле повредени 50-ина полицајци, а повредени се и непознат број демонстранти.

Полицијата опколила околу 1.000 демонстранти и уапсила 30 од нив. Освен тоа, приведени беа други 50 лица, кои биле ослободени во неделата напладне. Полицијата поведе истрага и за сериозни нарушувања на мирот и за напади врз полицајци.

На видеата од местото на настанот се гледа како полицајци и демонстранти се тепаат со тупаници, при што некои полицајци користат и палки и бибер-спреј за да ги растераат активистите. Други клипови објавени на социјалните мрежи ги прикажуваат демонстрантите како користат распрскувачки средства, а на улиците горат пожари.

Градоначалникот на Лајпциг, Буркхард Јунг, ги осуди постапките на левичарските демонстранти опишувајќи ги како луди деликвенти додека сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, зборуваше за бесмислено насилство поттикнати од левичарски екстремисти и бунтовници.

Германската полиција беше жестоко критикувана од левичарските политичари, а членот на локалниот парламент, Албрехт Палас, ја обвини за провокативен пристап тврдејќи дека применила непотребна грубост.

Дополнително, уште двајца локални пратеници, Џулијан Нагел и Марко Боме, ја нарекоа забраната на собирот скандалозен потег со кој се прекршени основните права.

И покрај критиките, Фезер истакна дека секој што фрла камења, шишиња и запаливи средства врз полицајците мора да одговара ветувајќи дека властите внимателно ќе ја следат ситуацијата во наредните денови.

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk