
Жителите на скопската населба Козле се вознемирени откако глутница лисици е забележана во урбано подрачје, на улицата Ловќенска. Граѓаните алармираат дека дивите животни се спуштаат се поблиску до домовите, а неколку од нив успеале да ги снимат како шетаат низ маалото во доцните вечерни часови.

Според изјави на мештани, лисиците не само што се присутни во близина на домовите, туку веќе напаѓаат и домашни миленици.
„Првпат видовме една лисица пред неколку дена, но сега се појавуваат по неколку одеднаш. Стравуваме за безбедноста на децата и милениците“, вели еден загрижен жител.
Граѓаните бараат надлежните институции веднаш да реагираат и да преземат мерки за справување со дивите животни во населено место.
Вакви појави се сè почести, особено во зони меѓу урбаното и руралното, каде што животните, поради недостиг на храна и нарушена природна средина, бараат засолниште и храна во населени места.