Нема тенденции при постапувањето по пријавите против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, уверува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој тврди дека политиката не меша прсти, кога Димитриевски е повикуван на информативни разговори. Наводите дека ова е притисок врз градоначалникот, министерот ги отфрла.
„Мојот став е дека секоја кривична пријава која ќе биде доставена, мора сериозно да биде обработена, да се постапи врз основа на сите законски овластувања и да се преземат мерки предвидени согласно Законот за кривична постапка. Не станува збор за ништо друго, освен за постапување како што предвидува законот. Без разлика дали е функционер или обичен граѓанин – за секој што има сомнеж дека има нелегална активност, треба да се постапува. Ниту избори, ниту тенденции, ниту политики – не може да се врзуваат врз работата на македонската полиција“, вели Спасовски.
Димитриевски пред пет дена, обвини дека против него се поднесуваат анонимни пријави, за да се врши притисок врз работењето на Општина Куманово.
Сакам да ве информирам дека денеска со покана бев повикан во СВР Куманово на разговор во врска со предмет за исплати и надоместоци на лица вработени во општина Куманово.
„Целта е јасна да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности. Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано согласно законот, плати се исплаќаат со децении во општината и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но, сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата коишто ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации. Видете, се случува еден преседан, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица коишто се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата“, кажа Димитриевски пред пет дена.