Не почна судењето на Жан Митрев и неговата клиника кои се товарат за измама оти ги држеле во заблуда пациентите со прикривање факти во однос на лекувањето од Ковид – 19 со хемофилтрации. Одбраната побара одлагање за да го доекипира правниот тим.
„Верувам во институциите на државата и ќе ја докажам вистината“, изјави Митрев, кој денес се појави во судот.
Кардиохирургот Митрев вчера направил измени во правниот тим кој ќе го брани откако адвокатот Стевица Јосифовски на 20 февруари го известил судот дека не може да присуствува на првото рочиште бидејќи е на патување. Митрев вчера адвокатот Јосифоски го заменил со адвокатите Никола Додевски и Никола Лазаров кои ги ангажирал да ја подготват одбраната за што добија рок од обвинителската Искра Хаџивасилева до 5 април.
Од Клиниката „Жан Митрев“ утрово соопштија дека Кривичниот суд вчера донел решение за блокирање на сметките што тие го толкуваат како обид за затворање на болницата.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме се што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање“, соопшти болницата.
Истрагата за Жан Митрев и неговата болница беше отворена по допрен глас по објавите на ИРЛ, а Скопското јавно обвинителство во јануари годинава поднесе обвинение.