Пациентите на Жан Митрев, кои утрово со прегратки и аплауз го испратија на судење, го доживуваат како ангел на земјата. Многумина се претставија како штипјани, од каде што потекнува и лекарот. Пред судот најавија дека ќе се борат тој да не биде осуден.
„Јас сум од Штип. Има овде многу луѓе што го поддржуваат доктор Митрев затоа што тој има спасено илјадници човечки и детски животи. Доктор Митрев е чесен човек, кој дава сè за своите пациенти, без разлика на нивната политичка, етничка, религиозна припадност и така натаму. Не треба доктор Митрев да се осудува, сè уште не влегол во судот, а го осудија. Ние мора да се бориме и нашата поддршка е огромна. Се надевам дека правдата ќе победи. Можеби е бавна, но секогаш излегува на виделина. Поддршка за доктор Митрев, огромна поддршка“, рече една од пациентките на Митрев пред судот.
Друг пациент, бранејќи во Митрев, рече дека е срамота за судот што му се суди на лекарот.
„Тој е ангел на земјата, не е човек. Со овие политики да се прекине веќе. Пациентите полумртви му ги праќаа од Градската болница на човекот, ги оживуваше. Срамота е ова што се прави за еден доктор со такво реноме. Треба да се ослободи овој човек. Не треба судија да суди доктор, по кој основ? Тоа не смее да се случи. Апсурд е тоа. Срамота за судот. Мора некој и да умре, не може тој сите да ги спаси. За некого нема лек, а ако нема лек, нема век. Еве, јас сум опериран, тој лично ме спаси. Болницата е како аптека, нема таква болница во светот, со гаранција тврдам“, рече оперираниот пациент пред судот.
Еден од пациентите на Митрев објасни дека починале оние пациенти на лекарот што не дошле навреме во болницата.
„Над 40 луѓе знам што лично тој ги има спасено, ама нормално, си доаѓаат навреме. Сите други што не доаѓаат навреме, одат ваму-таму или калкулираат за колку време ќе го продадеме автомобилот или да земеме кредит, се знаат условите во приватна болница. Тоа се условите, ако сакате – влезете, а тие поради некои небулозни сфаќања задоцнуваат и по пет-шест дена, никој не може да ги спаси. Знам 30 примени, се јавуваат навреме, реагираат и се средуваат. Тоа беше Ковид-19, беше непознато. На крајот на краиштата, никој не ти става пиштол на главата за да одиш. Тие луѓе од другата страна сигурно се манипулирани, инаку која е логиката. Еве и јас сум изгубил дете. Ќе го спасам ли? Еве на тие луѓе ние ќе им платиме отштета, ама ним не им е до отштета, сакаат да направат зло. И како може сега 1.000 души спасени, а само тие 20 не. Еве кој било нека се јави, јас ќе му депонирам 10.000 евра за отштета. Во заднина е нешто зло, нешто расипано, нешто друго“, рече пациентот на Митрев.
Пациентите останаа пред судот додека внатре траеше судењето и повторно со аплауз го пречекаа лекарот кога излезе. Неговиот адвокат Никола Додевски, слушајќи го аплаузот пред новинарите, рече дека и не се потребни изјави оти аплаузот е доволен, а потоа додаде дека успеале да го убедат судот да им одобри 15 дена за да ја подготват вистината за одбраната.
Следното судење е закажано за 13 јуни.