
Жителите на селото Побожје ќе го бранат манастирскиот комплекс Света Богородица, кој локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот градоначалник Дарко Костовски, го загрозува со проектот за Мега парк и плоштад во Радишани.
Паркот, што е финансиран од унгарскиот кредит, се гради на нелегално префрлани и узурпирани три и пол илјади квадрати земјиште што му припаѓа на мнастирот во атарот на селото Побожје во Општина Чучер Сандево.
Имено, последните години на манастирскиот комплекс му се земени три ниви, а Општина Бутел наместо да го обнови манастирот кој што се распаѓа, му го одзема имотот. Општината и Костовски тврдат дека нивите им ги отстапила МПЦ – ОА, но вистинското прашање е како земјиштето во катастарските книги уште се води дека му припаѓа на Кирил Петров, кој фигурира на имотниот лист 1987 како сопственик на КП 1975 КО Побожје (катастарска општина), со површина од 3.660 метри квадратни во месноста викана Дрениче. Според одоговорт од Општината, што ние, жителите на Побожје, го побаравме заедно со Црковниот одбор, е наведено дека МПЦ-ОА како сопственик и го пренело правото на градење на Општината Бутел.
„Бараме итно да запре изградбата на таканаречениот Мега парк и плоштад во Радишани на илјада квадрати, во спротивно ќе ги преземеме сите правни средства за одбрана на манастирскиот имот. Нашите предци се грижеле за овој манастрирски комплекс, а наша должност е да го заштитиме и да го браниме како наше историско, културно и духовно наследство !
Владината свита на 23 март најави мега парк на простор од 10.000 метри квадратни, од кои 6.000 квадрати ќе бидат зеленило, а на 4.000 метри квадратни ќе се изгради плоштад на кој ќе има големо детско игралиште и пешачки патеки. Тврдиме, што е видливо од имотниот лист, дека паркот е на нелегално одземени 3.660 квадрати земјиште.
Во 2017 година градоначалникот Велимир Смилевски од СДСМ почна проект за изградба на пешачка патека на парцелата каде што се наоѓа манастирскиот комплекс, но со кој што се предвидуваше зачувување на овој имот на важниот црковен споменик. Во 2021 година актуелниот градоначалник Дарко Костовски од ВМРО ДПМНЕ почна со активности за реализација на неговиот проект мега парк/плоштад на илјада квадрати, а на 23 март годинава без да ги извести жителите на селото Побожје почнал со градежните работи. Во меѓувреме, спорната парцела Митрополијата или МПЦ, сеедно, во октомври 2024 и ја отстапиле на Општината Бутел. Затоа бараме Општина Бутел и Костовски итно да престанат со сите градежни зафати, да ја отстранат градежната механизација додека не се реши овој имотно – правен спор“ велат жителите на Побожје.