Европол денеска соопшти дека се уапсени 37 членови на многу насилна криминална група од Западен Балкан, која главно се занимавала со шверц на дрога и огнено оружје низ Европа.
Според информациите, од 37 осомничени балканци, 15 се уапсени во вчерашните рации, кои беа спроведени истовремено низ Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, но и Холандија, Италија, Белгија и Германија.
Се додава дека акциите биле координирани од командното место во Загреб, со поддршка на офицерите на Европол распоредени на терен.
Групата била предводена од државјанин на Босна и Херцеговина, кој во моментов издржува четиригодишна затворска казна во Италија.
Тој продолжил да организира криминални активности од неговата затворска ќелија, од каде што се верува дека редовно издавал наредби и инструкции на своите подредени.
Во рациите, меѓу другото, запленети се 148.000 евра во готовина, 18 огнено оружје од кои два митралези и 2.512 парчиња муниција.
Притоа, запленети се 15 килограми кокаин, 11 килограми хероин, три килограми амфетамин, седум килограми марихуана и 10 килограми хашиш.
По оваа меѓународна акција следи сложена истрага што ја води хрватската главна полициска управа, во рамките на Оперативната група „Балкански картел“, се вели во соопштението на Европол.
Хрватската полиција објави и видео од едно од апсењата, на кое се гледаат драматични сцени на вооружени специјалци кои упаднале во становите на осомничените извикувајќи „легни долу“ и им ставаат лисици.
Европол претходно ја формираше Оперативната работна група „Балкански картел“, која обединува истражители од цела Европа и светот, со цел ефективно да се справи со заканите кои доаѓаат од овој регион.