27 април е најцрниот и најкрвав датум во современата македонска историја. Пред шест години, овде, во македонското Собрание, го видовме вистинското насилничко и режимско лице на ВМРО-ДПМНЕ, изјави пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски.
„Вооружени насилници под контрола на ВМРО-ДПМНЕ насилно упаднаа во Собранието со цел да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во Собранието, да го загрозат уставниот поредок, па дури и да предизвикаат граѓанска војна. Само за тие да продолжат да крадат, да се обидат да се спасат од правдата и да ја држат Македонија во заложништво.
Да, ВМРО-ДПМНЕ го смисли и го спроведе крвавиот 27 април. 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ, од кој оваа партија и ден-денеска не сака да се откаже“, рече Костовски.
Тој додаде дека нема никаква промена во ВМРО-ДПМНЕ, дека тоа е истата режимска и насилничка партија.
„Партијата предводена од Христијан Мицкоски, кој и самиот беше надвор во толпата, денес сè уште е на страната на осудените насилници. Наместо осуда, наместо извинување, ВМРО-ДПМНЕ денеска ги слави осудените насилници нарекувајќи ги уставобранители, лицата што се обидоа да го суспендираат уставниот поредок. Бараат амнестија за нив, па дури и злоупотребуваат општински, народни пари, за да ги наградат“, нагласи тој.
Рече дека СДСМ нема да дозволи 27 ми април да се заборави, како и дека нема да дозволи никогаш да се повтори.
„За крвавиот четврток има ефективни затворски казни за извршителите. Секој од нарачателите на овој грозоморен чин во македонската демократија до извршителите мора да одговора“, порача Костовски.
27 април – никогаш повеќе!