Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Комисијата за уставни прашања, кажа дека власта нема да добие поддршка за измена на Уставот, под како што рече, бугарски диктат. Тој е дециден дека ако ваквите уставни измени поминат, се крши суверенитетот на Македонија. За францускиот предлог, Мицевски рече дека е бугарски предлог.
„Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме. Тоа е кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а од 80 отсто велат не на ваков чин на насилство од страна на Власта. Ние имаме глува и слепа власт, која за ден повеќе во фотелја, за комшијата да им поклонува луксузни коли, фарми за канабис, фотоволтаици или бесплатни трговски центри е спремна да прави отстапки до целосно рушење на националните и државни интереси“, порача Мицевски.
Според него, Владата сака да води инат со опозицијата, народот, експертите, е немаат абер од градење консензус за националните прашања. Измените за него не се шанса за Македонија, туку за цедење на македонската земја.
„Сите работи ги води до степен на свршен чин, презема штетни договори и обврски. Тоа е недозволиво, губитничка политика без бенефит. Носи трајни катастрофални последици. Како салама ги сецкаат, а тоа ни го прикажуваат како успех. И во 2017 година и целото време како партија предупредувавме дека Договорот за добрососедство е брзоплето решение кое носи отровни плодови кои сега ги гледаме. Но и тогаш оваа самобендисана власт на СДС и ДУИ одбива да се соочи со реалноста. Политиките донесоа ескалација на омразата и негирање на истроријата на Македонија пред 1945 година“, додаде Мицевски.
Кажа дека само македонскиот народ е дискриминиран во Македонија.
„Ако одлуките се тешки, не мора или не значи дека секогаш се добри. Сите што се кријат дека носеле тешки одлуки, треба да се засрамат и да ја наведнат главата. Не е храброст да прифатиш без приговор се што тој од спроти тебе ќе побара“, и порача Мицевски на Ковачевски.
Тој им рече: „Жално е да ве гледа човек, како прифаќате Македонија да е доведена до свршен чин?“.
„Најдоа село без кучиња и удрија до максимум со нивните барања. Сменија три запирки во првиот предлог и го нарекоа втор. Вие дојдовте тука громогласно, насилнички да се фалите дека сте ги зачувале македонските национални интереси додека ја распродававте државата преку вашите фирми. А во Софија славеа. А како и не би славеле кога наидоа на поданици“, додаде тој.
Беа споменети и учебниците и бугарското мешање во нивната измена.
„Расправата ви е осудена на пропаст. Немате пратеници, ниту народ за оваа работа. По ова излагање нема што повеќе да ви кажеме на темава, нема да има наши дискутанти и дискусии, пуштете го на пленарна седница предлогот и ставете го веднаш на гласање, па да видите како ви пропаѓа срамното насилие врз Уставот“, додаде Мицевски.