Утрински Весник
Скопје

(Видео) Како од најавените 250 нови автобуси, Скопје спадна само на 25

Whatsapp Image 2024 11 21 At 09.13.27 E3cee5fc.jpg

Нема крај на маките на скопјани со јавниот автобуски превоз.

Од вчера попладне ЈСП Скопје функционира со само 25 автобуси кои возат на метан. Останатите кои возат на нафта стојат паркирани во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров.

Поради лошите односи на ВМРО-ДПМНЕ (која го има мнозинството во Советот на Град Скопје) и градоначалничката Данела Арсовска, на секои три месеци на јавниот сообраќај во Скопје му се случува колапс.

Кога беа во добрите, Мицкоски и Арсовска најавуваа 250 еколошки автобуси

Не беа далечни времињата кога на еден настан кој требаше да биде отчет за сработеното, тогаш лидер на опозицијата а сегашен премиер Христијан Мицкоски најавуваше набавка на 250 еколошки автобуси за потребите на ЈСП Скопје.

Неговиот план беше толку амбициозен што дури најавуваше и отворање на фабрика за такви автобуси.

Но кавгата за „рачињата во медот“ неповратно ги уништи односите ВМРО-ДПМНЕ – Арсовска.

Оттогаш советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска се на различни страни, често пати влегувајќи во конфликти.

Па така, Арсовска планираше Градот да земе кредит за да набави нови електрични автобуси, но таквиот предлог над 10 пати не доби поддршка од мнозинството советници во Советот.

Додека топката се префрла, граѓаните мрзнат и доцнат за на работа, училиште, лекар…

И додека советниците од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалничката и Владата си ја префрлаат одговорноста за колапсот, граѓаните се тие кои ја плаќаат цената.

Стотици илјади работници, ученици и студенти секојдневно мрзнат на постојките и доцнат до нивните одредишта.

Поради доцнењето на автобусите, голем број од средношколците добиваат неоправдани изостаноци, а голем дел работници се под притисок од своите претпоставени.

Објективот на 24инфо утрово ја сними состојбата на неколку фреквентни локации.

Немаше автобуси, а за волја на вистината ниту многу граѓани кај Транспортен центар од каде тргнуваат десетици линии.

Пусто беше и на почената станица на линијата број 5 во Ѓорче Петров.

На постојките пак, редици луѓе кои чекаат автобус и по еден час мрзнејќи се на ниските температури.

Во 2024 година кога светот зборува за нови технологии, во Скопје главниот проблем е колабираниот јавен превоз.

Можете да прочитате

Општина Центар бара институционално решение за ученикот со предизвици во однесувањето

Хуманитарен настан „Дарежлив вторник“ во Лабораториум

Герасимовски: Бесплатниот транспорт до болница за лицата со попречености искористен 197 пати