![](https://utrinskivesnik.mk/wp-content/uploads/2025/02/whatsapp-image-2025-02-09-at-18.05.16_326af3c5-1024x478.jpg)
Денеска напладне се одржа јавен граѓански форум под мотото „Секој еден да не биде следен“.
Граѓани предоведни од иницијативата „Кој е следен“ се собраа на крстосницата пред скопската Зоолошка градина каде дебатираа за состојбите во сообраќајот, по трагичното прегазување на младата Фросина Кулакова.
Игор Антов од „Кој е следен“ истакна дека целта на форумот е да се развијат конструктивни решенија за како нашите градови во иднина, но и сега да станат побезбедни места за живеење за сите.
„Сакаме да веруваме дека е можно да се направат системски промени и се надеваме дека денешниот форум ќе развие конкретни барања, кои после тоа ќе бидат артикулирани за пошироката јавност.“ порача тој.
За состојбите во сообраќајот во Скопје зборуваше и Ива Петрунова, експертка и консултат, која укажа дека улиците низ Скопје се главно небезбедни за пешаците, уште поголем проблем е лошиот јавен превоз.
„Градовите се наши и краен момент е да сфатиме дека граѓаните се оние кои го имаат градот. Градот припаѓа на сите нас. Еден од главните и клучните проблеми во градската безбедност е нашето лошо решение, односно катастрофално решение на јавниот превоз.“ порача таа.
Инаку вчера во Неготино се одржа протестен собир во знак на револт од прегазувањето на Фросина Кулакова, а следниот протест во Скопје е закажан за 16 февруари.