Илјадници Унгарци, вклучително и наставници и студенти, маршираа низ Будимпешта за да протестираат против владата на премиерот Виктор Орбан, барајќи повисоки плати за наставниците и сузбивање на зголемената инфлација која ги намалува приходите, пишува „Ројтерс“.
Демонстрантите, одејќи по мостот на Дунав, носеа транспаренти со натписи: „Орбан, изгуби се!“ и „Нема учители, нема иднина“ неколку часа откако Орбан вети дека ќе ја зачува економската стабилност и ќе ја задржи границата на цените на енергијата во домаќинствата додека Европската унија влегува во „економска криза“.
Big turnout for the teachers solidarity demo in Budapest on 1956 anniversary day pic.twitter.com/N9CHxwywaf
— Peter Murphy (@MurphyPeterN) October 23, 2022
Инфлацијата надмина 20 отсто, продолжува да расте
Ова е последен во серијата антивладини протести, во кои учесниците рекоа дека владата на Орбан ги оставила наставниците на цедило давајќи им скудни плати, додека инфлацијата, која надмина 20 отсто во септември и продолжува да расте, станува неодржлива.
„Тука сум… заради моите деца, потребна е промена. Оваа незапирлива инфлација… повеќе не можеме да штедиме, едноставно не можеме да врземе крај со крај додека цените растат“, рече поштарот Гионги Брецки, кој за првпат учествува на протестот.
Професорите и студентите протестираат за повисоки плати, за решавање на проблемот со се’ поголемиот недостиг од наставници и за правото на штрајк.
Орбан: Во тешки времиња потребно е единство
Додека земјата ја одбележуваше годишнината од востанието во 1956 година против советската власт, Орбан, кој беше избран за четврти последователен мандат во април, денес изјави дека следната година ќе биде предизвик со оглед на војната во соседна Украина.
„Војна на исток и економска криза на запад“, им рече Орбан на приврзаниците во Јегершек, приближно 200 километри западно од Будимпешта, додавајќи дека се развива „финансиска криза и економски пад во ЕУ“.
„Во 1956 година научивме дека заедништвото е неопходно во тешки времиња… Ќе ја зачуваме економската стабилност, сите ќе имаат работа, можеме да ја браниме политиката на ограничување на сметките за енергија и семејствата нема да бидат оставени сами на себе“, рече Орбан.