Стивнаа бомбите во училиштата, но почнаа да одекнуваат лажни вести, кои еднакво ги вознемирија учениците, наставниците, родителите и јавноста. Казните за лицата што ги раширија сè уште не се извесни иако помина една недела од лажната вест дека киднапер ги демне помалите деца во музичкото училиште во Скопје и две недели по лажната објава за средношколец отруен со дрога во пијалак послужен во кафуле, на која се надоврза и вест за десетмина починати средношколци во Градскиот парк.
Деманти, информативни разговори во полиција со креаторите на вестите и објаснување дека истрагата е во тек е засега институционалниот одговор на лажните вести, кои, за разлика од анонимните дојавувачи за бомбите, имаат конкретни творци. За нив, јавноста на социјалните мрежи, од каде што и излегоа вестите, отиде до таму, па побара и јавен линч, но Обвинителството сè уште не е на чисто дали тие воопшто ќе одговараат за кривично дело или за прекршок.
„Формално-правно во Кривичниот законик не постои експлицитно наведено дело ширење лажна вест онака како што го перципира јавноста тоа. Меѓутоа, законските норми во повеќе области даваат можност за одговорност за јавно изнесени тврдења. Доколку за еден настан постојат елементи што сугерираат дека со јавно изнесените лажни тврдења е извршен некој вид кривично дело, повредени се туѓи права, загрозена е нечија сигурност или е извршен друг вид кривично дело, таквиот настан добива кривично-правен третман. Такви се, на пример, лажните дојави за бомбите со кои се соочувавме во изминатиот период. Во друг сегмент, пак, постои прекршочна одговорност и таа целосно е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, кое треба да донесе одлука дали постои таков вид одговорност. За дел од лажните објави, кои се однесуваат на клевета, што исто така е ширење одреден вид лажна информација за некого, постои граѓанска одговорност, односно се упатува на граѓанско-правна заштита“, вели Билјана Арсовска, портпаролка на Јавното обвинителство.
Обвинителите работат на утврдување на последиците што ги предизвикаа лажните вести за да утврдат конкретно за кое дело ќе ги гонат креаторите на последните две лажни вести. Предвид ќе биде земено и тоа што лажната вест дека средношколец од гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје бил отруен од дрога ставена во пијалак во кафуле ја рашири пензионираната професорка од Филозофскиот факултет, Виолета Ачкоска. Нејзиното влијание врз јавноста е поголемо во споредба со она за втората лажна вест за киднапер што ги демне помалите деца во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“, што ја рашири Марко Дамевски, кој се претстави како загрижен родител.
„Во секој предмет одделно се цени дали и кои околности се исполнети, каков е ефектот од така изнесената лажна вест, како и последиците од таа лажна вес “, вели портпаролката Арсовска.
Министерството за внатрешни работи смета дека најголемата штета што ја направиле лажните вести е вознемиреноста на граѓаните.
„Штетата, пред сè, е во вознемиреноста на граѓаните, која, за жал, овие неодговорни лица ја создаваат од нив познати причини. Лицата што ги пласираа овие лажни вести подоцна во полициска станица кажуваат дека се каат, дека згрешиле, но ние немаме ништо од тоа каење. Тие мора да сносат одговорност затоа што на тој начин предизвикуваат тревога и вознемиреност кај граѓаните. Веднаш се повикуваат во полициска станица и се преземаат соодветни мерки затоа што, без оглед на тоа што ги избришаа објавите и самите кажаа дека направиле грешка, сепак предизвикаа вознемиреност кај граѓаните и тоа мора да биде како пример и за оние што ќе се обидат и во иднина“, вели Тони Ангеловски, помошник за односи со јавност на министерот за внатрешни работи.
Сега веќе избришаните објави и за лажниот киднапер и за наводното труење со дрога се раширија како експлозија на социјалните мрежи. Објавата на професорката Ачкоска за труењето за неколку часа доби илјадници реакции и стотици коментари, а остана на социјалните мрежи речиси цело деноноќие. Таа објавата ја стави непосредно по вистинскиот погреб на матурант од гимназијата „Георги Димитров“ за кој МВР утврди дека починал по пад од висина.
„Макфакс“ побара објаснување од професорката Ачкоска за причините поради кои се одлучила за објавата, но таа не одговори на пораките. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, извести дека таа во полиција кажала дека нема информации за настанот, но го објавила она што ѝ го пренеле ученици. Сфатила дека направила грешка кога почнале да ја бараат новинарите, па го избришала статусот.
Објавата на Дамевски, пак, за киднапер во музичкото училиште стоеше на „Фејсбук“ само неколку часа. Ја тргна откога дозна дека не се работело за киднапер, туку за крадец, од кој училиштето решило да се одбрани со тоа што ќе стави негова фотографија на влезот со апел, ако некој го забележи, веднаш да пријави во полиција.
За разлика од професорката, Дамевски откога ја тргна објавата, им се извини на сите кај кои предизвикал непријатно чувство и паника. Ги замоли оние што ја споделиле неговата објава за киднаперот да го споделат и извинувањето. Меѓу нив имаше неколкумина пејачи, кои со дополнителни емоции зборуваа за лажниот настан во музичкото училиште, без да проверат дали е вистина.
За „Макфакс“ рече дека сè што имал да каже во врска со објавата, кажал во извинувањето.
И Обвинителството и МВР се едногласни во ставот дека за штетите што ги направија лажните вести креаторите мора да добијат казни како пример за сите што во иднина би имале слични објави.
„Она што би можеле да апелираме е поголема свесност и одговорност при изнесувањето какви било информации, особено преку социјалните мрежи, преку ‘Фејсбук’, поради нивното сè поголемо влијание во изминатиот период, со цел да се спречат ваквите штетни последици, кои може да имаат огромно влијание врз општата популација“, рече портпаролката Арсовска.
МВР, пак, апелира граѓаните да внимаваат кому му веруваат и да ги проверуваат изворите во институциите за да не подлегнат на лажни вести.
Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.