Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот ривал од опозицијата Кемал Киличдароглу гласаа во вториот круг од претседателските избори во земјата.
И двајцата беа во друштво на своите сопруги, а како и во првиот изборен круг, Ердоган и неговата сопруга Емине го направија тоа на избирачко место во најголемиот турски град Истанбул, додека Киличдароглу и неговата сопруга Селви гласаа во училиште во главниот град, Анкара.
Türkiye’s President Recep Tayyip Erdogan casts his vote in the country’s runoff election https://t.co/H7bzqEcZdv pic.twitter.com/kAVoJQ2LZX
— ANADOLU AGENCY (@anadoluagency) May 28, 2023
Беа пречекани од голем број поддржувачи на избирачките места.
По гласањето во Истанбул, Ердоган изјави дека за првпат во историјата на турската демократија се одржува вториот круг од претседателските избори.
„Има само двајца кандидати и затоа верувам дека денешното гласање ќе биде многу брзо“, рече Ердоган и ја пофали високата излезност на изборите во Турција.
„Нема земја во светот каде излезноста достигнува 90 отсто. Турција на најдобар начин ја покажа својата демократска зрелост со излезност до 90 отсто. Верувам дека така ќе биде и денеска“, рече Ердоган.
Киличдароглу им рече на новинарите по гласањето во Анкара дека верува во победа.
„Ќе победиме, ќе видите, верувам во волјата на народот“, рече Киличдароглу и ги повика граѓаните да излезат на гласање.
„Верувам дека ќе победи здравиот разум на народот и демократијата“, рече Киличдароглу.
Во првиот круг од изборите на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу 44,89 отсто.
Во првиот круг одржан на 14 мај, ниту еден кандидат не успеа да го достигне прагот од 50 отсто. Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а Киличдароглу 44,9 отсто поддршка. Над 60 милиони луѓе имаат право да гласаат на изборите во Турција.
Претседателот на турската изборна комисија кажа дека резултатите вечерва може да се знаат порано отколку во првиот круг.