Таа сè уште е Џени од блокот.
На 20-годишнината од нејзиниот албум This Is Me…Then, Џенифер Лопез ги изненади фановите објавувајќи го насловот на претстоjниот албум This Is Me…Now.
Музичката ѕвезда и актерка („Омажи се за мене“) сподели краток клип од корицата на албумот од 2002 година, каде што ја вади капата и се претвора во нова верзија од себе.
„Луѓето мислат дека знаат работи за тоа што ми се случуваше, за мажите со кои бев, но тие навистина немаат поим, и многу пати тоа го сфаќаа толку погрешно,“ објасни таа. „Постои дел од мене кој криеше една моја страна од сите. Чувствувам дека конечно сум во период од мојот живот, каде имам што да кажам.“
Непосредно пред да ја сподели големата вест, таа ги избриша сите објави од својот Инстаграм и ја смени профилната фотографија во црн круг, оставајќи ги фановите да се прашуваат што се случува со неа.
Новиот албум доаѓа 20 години по објавувањето на This Is Me…Then.
Во кусото видео, Лопез ја рекреира корицата на албумот од 2002 година, и потоа се трансформира во нејзиниот сегашен лик. Во објавата напиша: „Ова сум јас тогаш, ова сум јас сега“.
https://www.youtube.com/watch?v=O-v06PKByHc
Во изјава за медиумите, новиот албум го опишува како хроника на едно емотивно и духовно патување во последните две децении.
Оригиналниот албум беше посветен на нејзиниот тогашен партнер Бен Афлек со кој денес е во брак.
Новите песни ќе допрат до нејзиното детство, минатите врски и патот до љубовта со Бен Афлек, со кој се омажи во јули во Лас Вегас. Еден месец потоа, парот организираше раскошна свадбена церемонија во Џорџија.
Албумот има 13 песни, вклучително и некои кои алудираат на нејзината врска со Афлек, како што е Dear Ben pt. II („Драг Бен втор дел“) и Midnight Trip to Vegas („Полноќно патување во Вегас“), што е очигледна асоцијација на нивната венчавка.