Фан-страници на притворениот 13-годишен убиец во Србија се појавуваат на социјалните мрежи. Негови соученици објавуваат фотографии од неговите профили, кои вчера полицијата ги изгасна, прават видеа со нив и масовно ги „лајкуваат“. Една од фан-страниците утрово стигна речиси до 30.000 лајка.
@klinacxx
Коментарите под објавите се поделени, едни не може да најдат зборови за осуда на злосторството што Коста К. го направи, при што уби осум деца и еден чувар, а други се обуваат да укажат дека убиецот можеби бил цел на врсничко насилство.
„Вие го обвинувате Коста без да знаете дека тој бил цел на врсничко насилство и дека нему исто така не му било лесно тоа да го трпи. Јас разбирам зошто баш на тој начин сакал сè да реши. И ова што го ставате на ‘Тик-ток’ – ‘Коста, дојди во Ниш малку да поразговараме’, навистина сте болни. Ставете се во негова кожа, како би ви било некој секој ден да ве малтретира“, стои во објава на една од фан-страниците.
Други, пак, со објавено видео од фотографии на убиецот, на кои тој држи шише виски во рацете, прашуваат: „Дали ова ви личи на малтретирано дете“.
13-годишниот убиец, вчера, во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград, со пиштол усмрти осум ученици и еден чувар, а повреди уште седуммина, од кои две деца се во критична состојба. Меѓу повредените е и наставничката по историја.