Злата Јанкова 45годишна жена од Свети Николе точно два месеци се води како исчезната.
Таа на 16 јуни оваа година исчезнува од викенд куќата во селото Орел на неколку километри од Свети Николе.
Оттогаш, започнува и трае голготата на нејзиниот сопруг Дејан и на двете деца, едното на 24 а второто на 17годишна возраст.
Реконструкција на исчезнувањето
16 јуни, ден недела. Злата и Дејан се на нивниот имот во село Орел работејќи земјоделски и полјоделски работи.
Злата прави за јадење и решава од Орел да замине во семејната куќа во Свети Николе, облекува тренерки и излегува од викенд куќата, додека во тој момент, нејзиниот сопруг Дејан работи во погорниот дел од имотот.
Тука на Злата ѝ се губи секаков траг. Мобилниот телефон ѝ ѕвони но никој не се јавува. Изминуваат часови и часови и Дејан решава случајот да го пријави во полиција.
Со полицијата до ден денес е во контакт. Се распрашува и тој, прашува и неговиот брат, но одговорот е секогаш ист: „Потрагата трае, немаме нови информации“.
Апел низ плач упатен до сите граѓани
„Ги замолувам сите луѓе кои можеби знаат нешто, ако имаат некакво сознание, да се обратат до нас или до полицијата. Злата е вредна жена, паметна, таа работеше за семејството, помагаше на сите. Замолуваме, ако некој видел нешто или чул да ни каже, јас и нашето семејство ќе им бидеме благодарни до крајот на животот. Веруваме дека е жива, дека ќе ја најдеме или пак сама ќе се врати“ низ плач говори Јанков.
Јанков вели дека полицијата не можела да го лоцира мобилниот телефон на Златка иако тој ѕвонел целиот ден и утре дента.
Заедно со својот брат, со своите соседи и пријатели Дејан поминал десеттина километри низ овој крај во надеж дека ќе ја пронајде сопругата, но безуспешно.
Примерно и функционално семејство
Семејството Јанкови е познато како складно, примерно и функционално семејство.
Злата и Дејан одгледале две дечиња, сега веќе возрасни синови, а на имотот во село Орел со години одгледуваат градинарски производи, имаат десеттици сандаци со пчели како и ситен добиток.
„Произведуваме за да има за нас“ вели Дејан на кого деновите наместо во работа, сега му минуваат во пребарување, во препрашување и во надеж дека неговата Злата ќе си дојде дома.
Дејан вели дека ниту тој ниту неговата сопруга, ниту кој било од неговото опкружување имал непријатели и дека се немаат замерено со никого и затоа не може да претпостави зошто ваква трагедија му се има случено нему и на неговото семејство.
Информации може да донесе сив голф со скопски таблички?
Во приближно време кога Злата исчезнала, на горниот пат од селото поминал сив голф со скопски регистарски таблички во кој имало две жени, велат Дејан и неговиот брат.
Тие не сметаат дека автомобилот е некако поврзан со исчезнувањето, но веруваат дека можеби патниците во него нешто виделе или чуле.
Атарот на селото Орел неодамна беше зафатен со силен пожар но и покрај масовното присуство на полиција, пожарникари и волонтери, сепак никој не успеал да најде некаков траг од исчезнатата Злата.