На судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова им престанаа мандатите во Судскиот совет. Едногласно беше донесена одлуката од сите членови. Врховната судијка Радева Стефкова детаљно образлжи што ѝ пречи во Судскиот совет потенцирајќи ги одлуките што се носеле, а посочувајќи го и разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција, кое го нарече незаконско. Герасимовски, пак, посочи дека ќе биде подобро да суди во Апелација оти таму нема доволно судии.
„Откога сум член на Судскиот совет, тоа е неполна година, имаше определени моменти кога јас наидов на определени разидувања со определени ставови на Советот. Тоа е одбивањето на Судскиот совет да ги достави списите на Врховен суд по изјавени жалби од судии, што сметам дека не требаше така да се одлучи. Првите постапки на Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд со новиот Закон за Судскиот совет, како што беше изборот на Апелација – Гостивар. Сметам дека Советот со тоа што не избра судии во највисокиот суд од кривичната област, како и што избра судии во Гостивар, со непочитување на ранг-листата, без образложение – не е транспарентна постапка. Советот треба да биде отчетен при носење на одлуките. Дојде и седницата за разрешување на претседателот на Судскиот совет, што за мене е незаконита. Мене ми пречеше што одлуката беше без образложение. Последно се состојбите со меѓучовечките односи кои се нарушија, што претставува пречка за нормално функционирање и остварување на функциите“, изјави судијката Мирјана Радевска-Стефкова.
Герасимовски им се заблагодари на колегите што го трпеле.
„Во овие осум месеци наидов на идеолошки разединувања со членовите, а со последните превирања сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што мислам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелациониот суд во време кога судовите се натрупани со предмети отколку како член на Судскиот совет. Сакам да додадам уште кратко дека иако јас и колешката даваме оставки и се враќаме таму од каде што дојдовме, сметам дека овој состав на Судскиот совет има капацитет да се справи со сите предизвици што стојат пред него и Судскиот совет да го доведат онаму каде што му е местото. Ви благодарам, колеги, што досега ме трпевте. Некогаш бев гласен, некогаш не се согласувавме со ставовите, ви благодарам, ако некого сум навредил, не било ништо лично“, рече судијата Зоран Герасимовски.
Експретседателката Весна Дамева им посака успешна кариера.
„Упатувам благодарност до колегите во Советот, почитувани судии со интегритет. Ви посакувам успешна судска кариера“, рече Дамева.
Двајцата судии сами дадоа оставки од функциите во Судскиот совет.