Најмалку четири месеци институциите знаат дека Гордана Јанкулоска заедно со останатите затворенички во затворот „Идризово“ се дискриминирани, но случајот нема разврска. Марјан Спасовски, сега веќе разрешен директор на Управата за санкции, прв, јавно го призна тоа. Вети и дека до февруари дискриминацијата ќе биде минато – но ова остана само на збор. Проблемот со Правилникот кој ускратува низа права на затвореничките остана нерешен. За ова знаеше и ексминистерот за правда, Никола Тупанчески, кој исто така вети брзо елиминирање на дискриминацијата по основ на пол – но, побрзо го сменија него, додеа тој не го смени правилникот. Потоа случајот стигна до членовите на Комисијата за антидискриминација, кои ја потврдија дискриминацијата врз Јанкулоска и жените кои издржуваат казна во „Идризово“. Ова пак, донесе старо ветување од новиот министер за правда, Кренар Лога, кој кажа дека за 30 дена ќе има решение.
„Јас верувам дека во тек на еден месец ќе имаме решение соодветно за тоа прашање“, рече Лога пред една недела, а на брифингот со новинарите го објасни процесот на работа: „Првата недела имаме информации, втора конструкција, за месец дена барам решение. Не само за оваа проблематика, туку за сите работни групи. Тоа е начин на работа“.
Првото ветување за решавање на проблемот со дискриминацијата имаше Марјан Спасовски, ексдиректор на Управата за извршување санкции. Тој во интервју за „А1он“ даде рок до крајот на јануари, почеток на февруари, во кој Никола Тупанчески требаше да го зимени Правилникот кој ги дискриминира жените во „Идризово“. Тоа не се случи, а тој беше разрешен на 17 јануари. Тупанчески имаше 26 дена за да стави потпис за промена – но тоа исто така не се случи.
„Гордана Јанкулоска не ја пуштаме бидејќи правилникот во казнено-поправните установи од отворен и полуотворен тип имаат еден тип на правилник, а правнилник во КПУ ‘Идризово’ е друг тип. Во овој случај, Гордана Јанкулоска бидејќи е женско осудено лице и се наоѓа во казнено-поправен дом ‘Идризово’ од затворен тип, тука има пропуст во делот на Правилникот. Во овој момент хендикеп за Јанкулоска е што се наоѓа на издржување на затворска казна во ‘Идризово’ бидејќи женско одделение имаме само во тој затвор“, рече Марјан Спасовски, сега разрешен директор на Управата за извршување санкции, кој прашан дали е тоа дискриминација, додаде: „Апсолутно се согласувам. Формирана е работна група, се надевам до крај на овој месец или во наредниот месец, правилникот ќе биде сменет“.
Пред две недели, пристигна и мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација. Тие го констатираат тоа што Јанкулоска го укажуваше – дискриминација има. Таа и другите затворенички не можат да користат низа привилегии, кои би ги имале, но само ако биле мажи. Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање. И тие бараат промена на Правилникот.
Проблемот со дискриминацијата е долгогодишен. Првпат како тема во јавноста се отвори по укажувањата на Влатко Илиевски, адвокат и сопруг на Јанкуловска. Тој ја поднесе претставката која ќе треба на сите затворенички да им донесе исти права како на затворениците. Тој уште во декември минатата година укажуваше на дискриминацијата по основ на пол, за која рече: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“.