Докторката Добринка Наунова Јовановска, од ЈЗУ УК за Инфективни болести објасни дека заразената болничарка со Конго-кримска хеморагична треска засега е во стабилна состојба.
– Параметрите се следат континуирано, да не дојде до некое влошување, ова е веќе петти ден како е болна, но се следи постојано да не дојде до некои влошувања. Кај оваа болест конкретно е многу важна супортивна терапија, заменска терапија да се надокнадува се што се губи. Пациентката се надеваме дека ќе остане во стабилна состојба. Самата болест има еволуција, првите денови не се така лоши, подоцна се влошува состојбата, затоа се следи за да се интервенира во одредени ситуации. Засега нема крварења, изјави Наунова Јовановска.
Како што објасни докторката сите што биле во контакт со претходната пациенка се под надзор и се следат сите параметри.
– Досега веќе 29 лица се под надзор. За ден, два им истекува. Од новиот контакт 11 лица се под надзор и тие се следат. Пренесувањето не настанува од обичен разговор, треба секрет и крв за да се пренесе. Не е битно дали ќе дојде на работа и ќе разговараме, туку дали ќе се развие болеста и ќе стане извор на зараза за да се пренесе, рече Наунова Јовановска.
Болничарката била трета смена на работа ноќта кога ја негувала пациентката.
На прашањето дали доаѓала на работа болчничарката додека била под надзор, докторката не можеше да каже.
– Не можам да ви кажам дали доаѓала. Дали доаѓала додека била под надзор? Не, не колку јас што знам. А што надзорот, како го замислувате. Надзорот подразбира да се следи температура, симптом било каков да се јави, веднаш да се направат испитувања. Тоа е битно. За да се пренесе инфекцијата не е како ковидот штo беше, потребен е материјал за да се пренесе на лице, додаде докторката.