Ќе ја поддржам иницијативата за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница во денешна Грција по повод 120-годишнината од неговото убиство, што ќе се случи во 2023 година. Ова го истакна претседателот на Бугарија, Румен Радев одговарајќи на прашање дали во селото Баница ќе биде поставена спомен плоча на Делчев што Бугарија го смета за свој револуционер.
„Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратешко партнерство и разбирање“, рече шефот на бугарската држава.
„Не гледам проблем. Грција, која е суверена држава, и одлучува за спомениците на нејзината територија, треба да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле“, рече Радев, пренесе БГНЕС.
„За мене иднината на светот е како поле за културна соработка“, ги парафразираше Радев зборовите на Гоце Делчев и посочи дека токму тоа го прават денеска со Република Грција.
„Доколку има барање за поставување спомен плоча на Гоце Делчев во Баница, надлежните органи ќе го разгледаат“, рече грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.