Антикорупциската комисија не знае што се случува со предметот кој бил отворен од Обвинителството по нивна иницијатива, а се однесува на Рамиз Мерко. Но знаат дека во Судски совет исчезнала претставката која ја поднеле против претседателот на струшкиот суд, а поради сомневање за политичко влијание кога постапувале по судски предмет во кој странка била Општина Струга односно градоначалникот Мерко. Билјана Ивановска, претседателка на Комисијата, објасни дека барале информација до каде е предметот кој се води во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција по нивна иницијатива од пред четири години – но не добиле информација.
„Ние сакаме да потсетиме дека ДКСК по сопствена инцијатива, а врз основа на наоди во медиумите, отвори предмет за Рамиз Мерко во мај 2019 година. ДКСК констатираше дека градоначалникот свесно и намерно ја злоупотребил службената положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување, презел дејствија спротивно на начелата за законитост и интегритет, на јавниот интерес и интересот на општината. Со ова нанел штета на буџетот на општината и државата и прибавил противзаконска корист за себе и друг. Врз основа на наодите кои беа поткрепени и со извештајот од Заводот за ревизија, ДКСК до Јавното обвинителство, на 18 ноември 2019 година поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на Рамиз Мерко. Беа содржани и бројни наоди“, рече Ивановска.
Таа образложи и за последните информации кои ги добиле за предметот.
„Од Јавното обвинителство, на 4 декември 2019 година не известија дека иницијативата е доставена во надлежност на Обвинителството во Струга за натамошно постапување. На 4 декември 2021 година испрати ургенција во Обвинителството во Струга со цел да добие одговор дали е постапено по иницијативата. Оттаму на не извистија дека иницијативата е во ОЈО-ГОКК бидејќи Рамиз Мерко се товари за нанесена штета при вршење на јавни набавки. ОЈО-ГОКК издал наредба до МВР за натамошно постапување. На 4 август 2021 година од МВР добивме барање за доставување документи. Ги доставивме документите. Оттука натаму не знаеме што се случува со предметот“, додаде Ивановска.
Антикорупциска во 2019 година доставила пријава и до Судскиот совет за работењето на претседателот на Основниот суд-Струга. Од 2010 година, Општина Струга работи со блокирана сметка, минимум средствата со кои може да работи го определува судот. За да може да се изврши набавката на возилата тој минимум требало да биде зголемен. Со години се барало зголемување на тој минимум – но дури во 2017 година бил зголемен, посочи Ивановска.
„Тоа беше поради сомнеж за политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот Општина Струга за зголемување на минимум средства за извршување на основната дејност на општината – бидејќи за две решенија со иста фактичка состојба и две образложени причини, донесени се различни одлуки“, додаде таа.
Ургенција до каде е постапувањето по пријавата од Антикорупциска била доставена во 2021 година, а по неа, добиле известување: „По извршените проверки во електронската архива, таков предмет не е пронајден“.
„Ние имаме доказ дека претставката во Судски совет е примена“, рече Ивановска, по што додава: „Што се однесува до наводите за претседателот на судот, предметот е застарен, ни рече Судски совет, бидејќи решенијата се од 2016 година и 2017 година. Значи ние кога сме доставиле, тој не бил застарен. Потоа предметот исчезнува, иако имаме доставница дека сме го доставиле. Кога треба да одговарат, тие ни викаат дека застарел“, рече Ивановска.
Таа истакна дека во изминатите 4 години, само од меѓународниот фактор, Антикорупциска добива потврда за оправданоста на активностите кои ги презема.